[Став] Дали нуклеарната енергија може да помогне во борбата против климатските промени?

Пишува: Џеј Ди Фаруџиа

Дилемите околу можностите на нуклеарна енергија постојат со децении. Нејзините приврзаници велат дека станува збор за чист, ефикасен извор на енергија, додека нејзините противници велат дека нуклеарната енергија е многу опасен (пр. Чернобил), скап и не толку чист извор како што тврди другата страна.

Во нуклеарните реактори, енергијата се произведува преку процес наречен нуклеарна фисија. При овој процес атомите на ураниум се разделуваат при што се  произведува топлина која ја претвора водата во пареа. Пареата врти турбини кои пак создаваат електрична енергија.

Првиот нуклеарен реактор беше дизајниран во раните 1950-ти години во Ајдахо, САД. Набргу потоа САД, Велика Британија, Русија, Франција и Германија беа земји пионери кои започнаа да ја користат технологијата комерцијално, а подоцна следеа уште 20-ина земји кои станаа корисници и со тоа нуклеарната индустрија го достигна својот врв во 1970-тите. По 1985-та година популарноста на нуклеарната енергија опадна со тоа што цената на нафтата почна да се намалува и уште поважно, светот беше сведок на катастрофата во Чернобил, Украина во 1986-тата година. Оваа ужасна катастрофа изнуди политички реакции и земји како Германија веднаш најавија план за фазно намалување на нуклеарна енергија во текот на следните години. Италија ги затвори сите свои нуклеарни операции само една година подоцна, со што стана прва „не-нуклеарно енергетска” земја. Но и покрај оваа и други катастрофи (Фукушима, Јапонија во 2011 година), над 400 нуклеарни реактори сè уште можат да се најдат низ светот и индустријата всушност добива одредена популарност бидејќи фосилната индустрија изумира и итноста на климатската криза се зголемува.

Аргументи во корист на нуклеарна енергија

Двата главни аргументи во корист на нуклеарната енергија се: „испушта ниски емисии и  обезбедува постојано снабдување со енергија, за разлика од соларната и ветерната”.

Нуклеарната енергија се смета за ниско-јаглероден извор на енергија бидејќи нејзиното производство не емитира стакленички гасови директно и бидејќи јаглеродниот отпечаток* на нуклеарната енергија е низок. Постои генерален впечаток дека јаглеродниот отпечаток на нуклеарната енергија е исто толку низок како оној на ветерната енергија. Некои студии сугерираат дека нуклеарната енергија спречила 60 милијарди тони ослободување на јаглероден диоксид (СО2) од 1970 година што значи некаде помеѓу 1,2 до 2,4 гигатони на СО2 секоја година. Се разбира, овие бројки се засноваат на споредбата дека или нафтата или јаглената индустријата инаку би го зазеле местото на нуклеарната.

Од друга страна, многу истражувања се спротивставуваат на овие тврдења и укажуваат на многу други сериозни недостатоци во производството на нуклеарна енергија што мора да ги земеме во предвид.

* Јаглероден отпечаток – Вкупното количество стакленички гасови ослободени во атмосферата како резултат на активност на индивидуа, заедница, настан, организација или производ, вообичаено изразено во тони еквивалент на јаглерод диоксид (CO2).

Нуклеарната енергија е скапа

Во моментов не се зголемуваат само цените на јагленот и гасот. Нуклеарната енергија е исто така исклучително скапа и тие трошоци од година во година се зголемуваат. Истовремено, цената на сончевата и ветерната енергија брзо опаѓа; во моментов е само една третина од цената на нуклеарната енергија и одзема значително помалку време за градење. Нуклеарните постројки се многу скапи за градење и особено скапи за одржување. Нивната комплексност значи и дека сите технички проблеми со кои тие се соочуваат би предизвикале долги исклучувања на работата на централите.

Истражувањата кои тврдат дека нуклеарната енергија може да оди рака под рака со обновливите извори на енергија со цел да го запре глобалното затоплување на не повеќе од 2°C (за што повеќето научници тврдат дека веќе е премногу високо), процениле дека ќе биде потребна инвестиција од 4 трилиони долари. Дури половина од оваа спектакуларна сума е потребна за исклучување и затворање на старите нуклеарни централи.

Значи, нуклеарната енергија не е ни од далеку финансиски исплатлива. Во овој момент всушност, Кина и Русија се единствените две земји во светот кои инвестираат во нови нуклеарни проекти.

Дебатата за „постојаноста“ на енергијата ја губи релевантноста

Нејзините приврзаници тврдат  дека нуклеарната енергија може да обезбеди „чиста“ енергија кога сонцето не сјае и ветерот не дува. Иако можеби тоа беше вистина во минатото, денес непостојаноста на нуклеарната енергија всушност работи против самата себе.

Точно е дека проблемот со постојаноста на сончевата енергија и ветерот сè уште не е целосно решен, но бројни решенија се истражуваат или веќе се спроведуваат, како што се: нови, поевтини и поефикасни решенија за складирање на енергија, пофлексибилни електрични мрежи, повторна употреба на турбини од фосилната индустрија во распаѓање, интерконектори помеѓу земјите и бројни други инженерски и технолошки пронајдоци.

И ако зборуваме за ефикасност, вреди да се напомене дека како што ефектите од климатската криза се зголемуваат, нуклеарните централи се соочуваат со секакви потешкотии. Излегува дека нуклеарните централи не се справуваат добро со екстремните топлотни бранови. Во јули 2019 година 6 нуклеарни централи низ Европа мораа сериозно да го намалат нивното производство или целосно да ги прекинат нивните операции бидејќи зголемувањето на температурите негативно влијае на опремата и ја загрева водата во централата што се користи за ладење. Ефектите за ладење на водата се од суштинско значење за безбедноста на реакторите и за складирање на создадениот отпад. Според сегашните трендови, 26% од нуклеарните централи низ целиот свет ќе се соочат со потешкотии во функционирањето поради зголемувањето на глобалната температура до 2040-та година. Тој процент се искачува дури до 73% до 2060 година. Исто така ќе биде многу потешко да се обезбеди вода за ладење на реакторите бидејќи бројот на суши со климатската криза се зголемува.

Нуклеарната индустрија не е толку ниско-јаглеродна како што би мислеле

Некои истражувања се спротивставуваат на аргументот дека нуклеарната индустрија е исто толку ниско-јаглеродна како и ветерната индустрија. Некои студии всушност откриваат дека нуклеарната индустрија може да биде и до 4 пати повеќе јаглеродно-интензивна откако ќе ги земете во предвид процесот на рударство и преработка на ураниум, затворањето на старите централи, преработката на нуклеарното гориво и складирањето на радиоактивниот отпад. Меѓу другото, нуклеарната енергија е најинтензивниот корисник на вода во споредба со сите други извори на енергија. Потребно е просечно од 1.101 до 44.350 галони вода за секој произведен мегават. Кога водата се испушта од централата, истата  има негативни ефекти врз морскиот свет и крајбрежните средини.

Нуклеарната енергија не е безбедна

Прашањето за безбедност е еден од најголемите контра-аргументи за нуклеарната енергија. Несреќи во нуклеарни реактори можат да донесат катастрофални последици. Светот е веќе сведок на неколку вакви несреќи во текот на изминатите децении, но најзначајни се Чернобил и Фукушима. Заедно, овие катастрофи беа одговорни за 450.000 евакуации и чинеа некаде помеѓу 320 до 460 милијарди евра. Бројот на загинати од овие катастрофи е тешко да се открие и се тема на многу дебати, и предвидените бројки се движат од десетици па до стотици илјади луѓе како резултат на долгорочните последици од изложеноста на радиоактивното зрачење.

Несреќи можат да се случат од различни причини, вклучувајќи човечки грешки и експлозии, но исто така и заради земјотреси, неочекувани поплави и пожари – појави кои што секако ќе зачестат како резултат на климатската криза. Голема катастрофа во која било од 450-те нуклеарни централи низ целиот свет може да изложи десетици милиони луѓе на радиоактивна контаминација.

Радиоактивен отпад

Процесот на генерирање нуклеарна енергија произведува отпад со различно ниво на радиоактивност, од кои најпроблематичен е радиоактивниот отпад на високо ниво (HLW). Најголемата причина за загриженост е што сè уште не постојат долгорочни решенија како да се справиме со овој отпад. Околу 12,000 тони HLW се произведуваат секоја година што значи дека во моментов има 250.000 тони високо радиоактивен материјал за кој е потребна итна и трајна обработка. Радиоактивноста од овој отпад може да остане висока до 1 милион години.

Секоја преработка или отстранување на ваков отпад досега било привремено. Најпопуларното решение во моментот е да се закопа отпадот во специјално дизајнирани резервоари стотици метри под земјата. Овие резервоари се многу скапи за градење, имаат ограничен простор и не обезбедуваат 100% гаранција за заштита од протекување. До сега, не е изграден ниту еден резервоар што може да се користи како трајно решение. Другите планови за депонирање на отпад вклучуваат негово фрлање во море или испраќање на истиот во вселената. Во суштина, „најсериозните“ размислувања за управување со високо радиоактивен, нуклеарен отпад се: погребајте го, удавете го или испратете го во вселената.

Многу истражувања и развојни програми се одвиваат во нуклеарната индустрија и некои од нив се многу ветувачки. Сепак иако нуклеарната енергија се смета дека има интересни можности, контра-аргументите за оваа индустрија вклучуваат: трилиони евра во трошоци, намален недостаток на ефикасност во свет што постојано се менува, голем број „скриени“ еколошки трошоци, ризици од глобални катастрофа и непостојан, високо радиоактивен отпад. Во исто време, сончевата и ветерната индустрија стануваат сe’ поекономични, поодржливи и технолошки подостапни. Тешко е да се види зошто воопшто би размислувале за улогата на нуклеарната енергија на патот кон подобра, поеколошка и социјално праведна иднина.

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Извори

  1. NRDC Analysis: Nuclear Energy and a Safer Climate Future
  2. Minimize Harm and Security Risks of Nuclear Energy (NRDC)
  3. Nuclear vs. Climate Change: Feeling the Heat (NRDC)
  4. Nuclear Energy (Greenpeace)
  5. Nuclear power can be green – but at a price (The Guardian)
  6. Weatherwatch: nuclear energy now surplus to needs (The Guardian)
  7. Nuclear energy: Between global electricity demand, worldwide decarbonisation imperativeness, and planetary environmental implications
  8. Beginner’s guide: How nuclear power works
  9. The true toll of the Chernobyl disaster (BBC)
  10. Japan confirms first Fukushima worker death from radiation

За Авторот

Џеј Ди Фаруџиа работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.