[Став] Да возвратиме на чеченската бруталност со глобално востание против хомофобијата

Гонителите на геј луѓе во Чеченија сега се чувствуваат силни, недопирливи, непобедливи. Нивните жртви, кои тие ги апсат, тепаат и мачат, се во нивна милост. Тие се заштитени од многу нешта: од инфериорни тирани кои владеат со република насилно покорена од Владимир Путин; од реакционерните ставови како што се на московскиот режим; и од страна на согласувањето, па и поддршката, на едно општество потонато во хомофобична омраза.

Нивната совест нема да им прави проблеми. Секогаш е утешно да се замисли дека оние кои извршиле злосторства против човечки суштества се социопати или зли. Но, тоа не ги објаснува големите ужаси на историјата на човештвото, од фашизмот до колонијализмот. Нечовечноста е овозможена единствено со одземање на човечноста на една група. Вие на крај чувствувате емпатија само за оние луѓе што ги чувствувате дека се како вас. Така човечките суштества кои во други контексти чувствуваат сочувство и љубов и топлина може да станат способни за најнеописливите ужаси.

Но, иако во моментов чеченските угнетувачи се чувствуваат силни, историјата ќе ги осуди и недвосмислено ќе застане на страната на оние што тие ги измачуваат. Тоа е мала утеха за оние кои се тепани и мачени во моментов. Осаменоста што многу од нив ја чувствуваат ќе биде целосна. Омразени од страна на властите, нивните семејства, нивните пријатели, целата надеж ќе се чувствува победена.

Приказните за тепањето, масовните апсења, па дури концентрационите логори, треба да згрозат. Но, сега не е време да се чудиме и да преминеме на следната ужасна вест. Ајде Чеченија нека биде пресвртница. Нека ова стана најголемо излевање на меѓународната солидарност со ЛГБТ луѓето во историјата. Нека се казни прогонот на телата на хомосексуалците кои сега молат за својот живот и нека стана катализатор за изградба на глобално движење за да се избрише сета омраза кон ЛГБТ луѓето.

Да, Чеченија е длабоко конзервативно општество чија интолеранција се легитимира со реакционерен исламизам. Но, колку и да е екстремна сегашната манифестација на оваа руска република, хомофобијата насекаде извира од истото место. Тоа, пред сè, се однесува на политиките за тоа што значи да се биде маж. Да се биде геј, се смета како најголем грев за машкоста. Гонителите во Чеченија можеби нема да се стресат додека ги кршат коските, бидејќи тие ги гледаат како смртна закана за сопственото чувство на машкост. Тоа е причината зошто хомофобијата е толку неразделно врзана со потчинувањето на жените. Во Чеченија – и во целиот свет – борбата за правата на ЛГБТ лицата ќе се постигне само со ослободување на жените.

Чеченскиот режим се дрзна да тврди дека не постојат геј луѓе во Чеченија. Тоа ме потсетува на друг тиранин, Роберт Мугабе, кој во 2015 година рече на Генералното собрание на ОН: „Ние не сме педери”.

Хомосексуалноста е увезена од Западот, тврдеше тој. Тврдењето полно со иронија, во однос на хомофобијата во Африка и Индискиот потконтинент, е поврзано со викторијанскиот социјален конзерватизам увезен од страна на колонистите.

Во секој случај, можам да го уверам чеченскиот режим дека постојат илјадници ЛГБТ луѓе таму. Тие сакаат да сакаат, како и секој друг, без прогонство, а сепак многумина сега се мачени и уапсени и исчезнати и убиени, но на крајот, тие ќе победат.

Притисокот мора да биде насочен кон рускиот режим. Глобален бран на протести, сега, со многу барања: од прекин на прогонството во Чеченија, па се до тоа нашата земја да ги прифати бегалците кои бегаат од овој ужас. Измачуваните во Чеченија мора да знаат дека се далеку од сами: дека милиони, квир и стрејт луѓе, се решени да стават крај на мизеријата, и дека ќе создадат движење, што ќе го постигне токму тоа.

Но, хомофобичниот прогон очигледно не е ограничен само на границите на Чеченија. Саудиска Арабија затвора и обезглавува геј луѓе. Да се биде геј е кривично дело казниво со смрт во земјите како Нигерија и Катар – земјата што ќе биде домаќин на Светското првенство во 2022 година. Турнирот во 2018 година, да не заборавиме, ќе биде во Русија.

Полицијата во Египет ги лови хомосексуалците преку апликации за запознавање. Во секоја земја на светот, да се биде геј значи се уште да си третиран, до одреден степен, како инфериорен: дали поради социјални казни или поради правен прогон. Нека страдањето на хомосексуалците во Чеченија им се врати на нивните угнетувачи: нека стане поттик за да се мобилизираме против сите форми на хомофобија насекаде.

Замислете тоа да биде придонесот кон насилниците во Чеченија. Да не ги повредуваат геј луѓето и да ги замолчуваат и да ги елиминираат, туку да поттикне движење решено да го ослободи секое општество од хомофобична и трансфобична омраза. За разлика од хомосексуалноста, хомофобијата се учи, и може да биде ненаучена исто така. Без разлика колку триумфално и моќни тие се чувствуваат, мачителите и убијците ќе изгубат. Наше е да се осигураме дека така и ќе биде.

Пишува Овен Џонс за „Гардијан“