[Став] Бугарската блокада – „кец на десетка“ за македонскиот национализам

Kristijan Fidanovski 400x500

Пишува: Кристијан Фидановски

Повеќето нации се доживуваат себеси како морално надмоќни: или во изразувањето на својата моќ, или во прифаќањето на својата немоќ. Секогаш кога една нација со гордост ги прифаќа своите страдања, притоа по автоматизам прогласувајќи ги за поголеми и понеправедни од туѓите, таа нација всушност практикува — национализам.

Ретко која нација признава дека има проблем со национализам. Во македонската себеперцепција, еден од подлабоко вкоренетите митови е оној за наводната помирливост на „Македончето“, кое според оваа логика ја има токму спротивната маана: недоволно развиено национално чувство.

Меѓутоа, национализмот може да се јави во различни форми. Како и секој национален идентитет, така и нашиот, вклучувајќи го и централниот мит за „Македончето“, не е настанат во вакум, туку во постојана интеракција со други нации. Историската опкруженост со млади, кревки и несигурни (а помоќни) нации, како и турбулентните меѓусоседски односи кои произлегле од неа, низ годините имаат произведено (во голема мера разбирливи) чувства на неправда, пониженост и – во својот најлош облик – колективна искомплексираност.

Национализмот има мал милион дефиниции, но сите поаѓаат од истата основна идеја: „нашата“ нација над сите други. Она што е важно е дека ваквата хиерархија не мора да биде изразена преку некакво чукање во гради или веење иредентистички симболи. Една нација може да се доживува себеси како морално надмоќна во изразувањето на својата моќ, но и во прифаќањето на својата немоќ.

„Робовскиот“ морал на Ниче во македонското општество

Впрочем, Фридрих Ниче разликувал два вида морал: „господарски“ (Herrenmoral) и „робовски“ (Sklavenmoral). Според него, моралноста не е дихотомна категорија (или си морален или не си), туку она што е „господарски“ морално е „робовски“ неморално – и обратно. Тоа е така бидејќи господарскиот морал се темели врз моралноста на последиците од нашето однесување, додека робовскиот морал почива врз моралноста на намерите зад истото.

Притоа, моралниот компас на еден поединец (или на една нација) не е нужно определен од неговиот статус во општеството (или од статусот на нацијата во светот). Робовскиот морал е состојба на умот, а не огледало на некаква (објективна) подредена положба, исто како што господарскиот морал не мора да произлезе од повластена положба. Сепак, историско-политичките околности ја зголемуваат веројатноста дека одредена нација повеќе ќе тежнее кон една од овие две морални рамки отколку кон другата.

Каде сме ние тука? Да го земеме за пример спорот за името. Неподготвеноста на нашите политичари цели триесет години да прифатат компромис во овој спор силно укажуваше на „робовска“ морална рамка. Со оглед дека нивните намери беа морални (право на самоопределување), однесувањето што произлегуваше од нив исто така се доживуваше како морално, без оглед на неповолноста на исходот (блокирана меѓународна интеграција). Имајќи предвид дека и јавното мислење до самиот крај остана (во најмала рака) поделено околу решавањето на спорот, може да се заклучи дека „робовската“ морална рамка, барем во однос на ова клучно политичко прашање, преовладува(ше) во нашето општество. Од друга страна, потпишувањето на Преспанскиот договор претставува едно ретко вртење кон господарската морална рамка. Во неа, поединецот игра улога на „господар“, кој отфрла какви било фиксни морални принципи, односно истите самиот ги (ре)конструира согласно моралноста на исходот од своето однесување.

Но, каква врска има сето ова со национализмот? Па, доколку национализмот подразбира морална хиерархија помеѓу сопствената нација и туѓите нации, тогаш таа хиерархија може да се темели врз која било од двете (спротивставени) морални рамки на Ниче. Дури и нација која практикува робовски морал може да се одликува со национализам сè додека е убедена дека само таа го практикува овој морал, или дека секогаш го практикува подобро од другите.

На Ниче не му се допаѓал робовскиот морал, бидејќи не можел да сфати зошто некој поединец би практикувал однесување за кое знае дека ќе доведе до непосакуван исход. Во оригиналниот контекст на неговата анализа, Ниче согледувал одреден мазохизам кај робовите, кои според него уживале во своето страдање, бидејќи таквиот статус на жртва бил единственото нешто што ги разликувало од нивните господари, а со тоа и единствен извор на нивна морална надмоќност. Доколку на робовите им е поважно да се чувствуваат морално, отколку да живеат подобро, тогаш за нив слободата не само што е неостварлива, туку е и непосакувана. Тие бездруго таа слобода не би сакале да ја издејствуваат сами, бидејќи тоа би изискувало „неморален“ чин на насилство. Вистинското прашање е дали би ја сакале дури и кога господарите би им се смилувале и доброволно би ги ослободиле. Според Ниче, не би ја сакале ни тогаш, бидејќи со самото прекинување на нивното страдање доаѓа и крајот на нивната морална надмоќност.

Но, што значи сето ова за македонско-бугарскиот спор? Доколку претпоставиме дека јавното мислење е уште позатворено кон (каков било!) компромис со бугарската страна отколку што тоа беше случај во спорот за името, се чини дека робовскиот морал продолжува да ги обликува нашите размислувања и однесувања. Притоа, тој исто така служи како совршена подлога за еден нов, помек и посуптилен, но сепак јасно видлив македонски национализам.

Револт кон Бугарија или инает кон сопствената иднина?

Низ годините, најсилниот катализатор на робовскиот морал во македонската политика беше грчкото вето врз нашето членство во НАТО во 2008. Наглото „вртење кон внатре“ на тогашната власт беше директна последица на една огромна надворешнополитичка неправда, но и на веќе споменатата робовска морална матрица, и тоа не само кај политичарите на власт, туку и кај нивното гласачко тело. Незаинтересираноста да се одржи конструктивен однос кон преговорите со Грција како да беше излезена од најлошите ноќни мори на Ниче. Во робовската морална рамка, дури и најблагиот компромис со Грција ќе претставуваше капитулација, додека инаетењето („Скопје 2014“) беше доживувано како највисок морален чин, без оглед на – или токму поради – неговото видливо негативно влијание врз меѓународната позиција на државата.

Ова нè води до клучното прашање денес: дали нашата колективна исфрустрираност од бугарската блокада (ќе) се одрази како револт кон Бугарија, разочараност од Европската унија, или само како инает спрема сопствената иднина? Засилените повици од мнозинството домашни аналитичари за „вртење кон внатре“ се донекаде добредојдени. Бугарската блокада е реална, исто како што е реална и значителната отпорност кон проширувањето во голем број (влијателни) ЕУ членки. Согледувањето дека членството во ЕУ ниту ќе дојде брзо, ниту ќе донесе подобра иднина преку ноќ, ни е повеќе од потребно. Меѓутоа, она што треба да нè плаши е дека, во 2008, обидот „да ја донесеме Европа дома“ не ни донесе поголема демократија и посилна економија. Ни донесе само повеќе национализам.

За жал, првичните индикации се дека ништо поразлично нема да биде ни овојпат. Исто како и во 2008, повреденото националното чувство како резултат на меѓународна неправда не мора(ше) да значи национализам. Проблемот е што границата помеѓу конструктивен патриотизам и еклатантен национализам може да биде многу тенка.

Франсис Фукујама, на пример, разликува две (најчесто последователни) човекови реакции во ситуација на повредено достоинство. Првата е „изотимија“, која претставува стремеж за засилување на сопствениот статус (без оглед дали се работи за поединец или за нација) до степен на еднаквост со опкружувањето. Втората, пак, е „мегалотимија“, која подразбира претензија кон докажување надмоќен статус во однос на опкружувањето. Фукујама разочарано заклучува дека во современиот свет изотимијата – порано или подоцна – речиси секаде завршува како мегалотимија.

Три особини на „новиот“ македонскиот национализам

Навидум, нашата желба да ја „донесеме Европа дома“ е резултат на изотимија, односно на легитимен стремеж кон еден повисок животен стандард, кој веќе постои другаде. За жал, изотимијата уште од почетокот на ова второ македонско „вртење кон внатре“ видливо ѝ го препушта местото на мегалотимијата.

Идеализација на социјалистичкото минато

Веројатно првата последица на бугарската блокада е сè позасиленото величење во јавниот дискурс на социјалистичка Југославија, чии (неспорни) предности се нагласуваат селективно, а чии (еднопартиски) мани некритички се релативизираат преку турбулентниот историско-политички контекст, или дури целосно се занемаруваат. На крајот на краиштата, дури и таа држава навистина да била Елдорадо, самиот факт што еден од првите елементи на нашето вртење кон внатре доаѓа од минатото, создава сомнеж дека овде сепак се работи за вртење наназад.

Ваквиот груб, изнасилен и политички инструментализиран облик на југоносталгија може само да му нанесе штета на автентичното југоносталгично чувство во државата. Впрочем, тој не претставува ништо друго туку – национализам. Една од главните особини на национализмот е токму ориентираноста кон минатото. Заговорниците на ваквата квази-југоносталгија треба да објаснат како арогантното (и во голема мера непоткрепливо) настојување дека Европската унија може само да „сонува“ дека ќе ги достигне идеалите на Југославија ни помага при „засукувањето ракави“ за подобар живот во Република Северна Македонија во 2020. Засега, ваквата вообразеност многу повеќе звучи како „кои се тие за нам да ни зборуваат, ние тоа веќе сме го имале“, отколку како „не ни треба некој од страна да ни зборува, ние тоа сами ќе го постигнеме“.

Историски есенцијализам

Втората досегашна особина на вртењето кон внатре уште посилно „мириса“ на национализам. Секоја националистичка хиерархија почива не само врз величење на сопствената нација, туку и врз поткопување на туѓите – во случајов, пред сè на Бугарија. Tука доаѓа до израз уште една класична особина на национализмот: претставувањето на одредена фактичка состојба со која се соочувала одредена нација во одреден историски период како трајна и непроменлива реалност.

Македонскиот дискурс периодов изобилува со (честопати преувеличено) истакнување на економската немаштија во Бугарија за време на Студената војна – и тоа најчесто во експлицитен контраст со гореспоменатото величење на Југославија. Притоа, ретко кој ја забележува иронијата што во една мала (пост)транзициска држава како Македонија доминира еден ваков есенцијализам – дискурзивно средство кое, меѓудругото, служи токму за да ги „убеди“ малите држави дека засекогаш ќе останат мали. Се заборава и дека кога есенцијализмот се употребува против Македонија, тој најчесто ја зазема формата на „балканизам“: низа историски стереотипи за балканските нации. Иронијата кулминира со фактот дека овој концепт е воведен во светската наука од историчарката Марија Тодорова, Бугарка израсната во истата таа „сталинистичка“ Бугарија, за која секој што го следи македонскиот јавен дискурс периодов би помислил дека детството го поминала во пештера.

Јазичен партикуларизам

И на крајот, третиот највидлив елемент на национализам во контекст на бугарската блокада се однесува на јазикот – еден од највидливите симболи на секоја нација, а со тоа и составен дел од секој национализам. Одамна е јасно дека бугарските политичари не разбираат дека јазикот е израз на самоопределување, односно субјективна категорија, а не резултат на прецизни научни граници помеѓу јазици и дијалекти. Меѓутоа, она што е уште понесфатливо е што голем дел од македонската јавност го прифаќа апсурдното бугарско настојување на објективна дефиниција, која бездруго оди во прилог на бугарскиот табор.

Имено, во лингвистиката постои консензус дека ниту едни две говорни форми чии природни говорители поседуваат заемно разбирање (анг. mutual intelligibility) од барем 70% не треба да се сметаат за различни јазици од научна перспектива. Ваквиот услов го исполнуваат сите говорни форми кои овозможуваат рецептивна мултилингвалност: кога двајца говорители имаат непречена комуникација, без оглед што не зборуваат исто. Иако секој од нас кој некогаш бил во контакт со бугарски соговорник ја има искусено рецептивната мултилингвалност помеѓу бугарскиот и македонскиот јазик, дел од јавноста продолжува да настојува дека станува збор за посебни јазици, и тоа не само од политичка перспектива (неспорно), туку и од научна. Притоа, ваквиот јазичен национализам својата кулминација ја доживува со низа бизарни новинарски текстови, кои „докажуваат“ дека македонскиот и само македонскиот јазик е вистинскиот наследник на старословенскиот јазик, на тој начин само давајќи им муниција на обвинувањата на Софија за историска екслузивност во македонската колективна свест.

Привремена блокада, траен национализам

Доколку некој беше загрижен, бугарската блокада недвосмислено покажа дека македонското национално чувство е сосема живо. Од денешна перспектива, највпечатливиот дел од „вртењето кон внатре“ во 2008 е колку тоа вртење немаше врска со неговиот предизвикувач: Грција. Односите меѓу двете држави беа затегнати и пред тоа, а односите меѓу двата соседни народи останаа нормални и потоа. Се променивме само ние самите. Бугарската блокада, порано или подоцна, ќе биде крената. Кога ќе престанеме да се блокираме самите себеси?

*Кристијан Фидановски е магистер по политички науки и источноевропски студии од Унивеерзитетот Џорџтаун во Вашингтон. Додипломски студии има завршено во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон. Уредник е на онлајн-магазинот на англиски јазик за политички и општествени прашања на Балканот, „Востокијан“. Негови примарни полиња на експертиза се партиските системи и јавното здравје во источна Европа, како и стратешките комуникации и руската надворешна политика. Има објавувано академски трудови и новинарски текстови на македонски, англиски и италијански јазик за десетици домашни и меѓународни публикации.  

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.