Старбакс ќе вработи 10 илјади бегалци во наредните пет години

Како одговор на забраната на Трамп за влез  на бегалци од шест муслимански држави, најголемиот синџир кафетерии во светот, Старбакс, најави дека ќе вработи 10 илјади бегалци и мигранти.

Хауард Шулц, извршен директор на компанијата, во писмо упатено до своите вработени во неделата напишал дека вработувањето ќе важи за сите продавници низ светот, а ќе започне во Соединетите Американски Држави. Таму, фокусот ќе биде ставен на вработување на имигранти „кои служеле со трупите на САД како преведувачи и поддршка“.

Шулц, поддржувач на Хилари Клинтон за време на претседатеските избори, осуди и други делови од агендата на Трамп фокусирани на имиграцијата, укинувањето на поранешното здравствено осигурување кое го воведе претходниот претседател Барак Обама и прекинот на трговијата со Мексико.

Во писмото пишува и дека Старбакс ќе им помага на одгледувачите на кафе во Мексико, ќе понуди здравствено образованието на вработените доколку биде укинета Обамакер, а ќе помага и на студенти и млади да добијат двегодишна дозвола за работа за да не бидат депортирани.

Спротивно од Шулц, извршните директори на Форд, Џенерал Моторс и Боинг се состанаа со Трамп, кој од нив побара да создаде нови работни места во САД, за сметка на фабриките кои постојат во Мексико.