Станарите од домот „Гоце Делчев“ добија реновирано фудбалско игралиште

Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ денеска беше пуштено во употреба реновираното фудбалско игралиште во рамки на проектот „Студентски домови без корупција“, спроведен од Младински образовен форум (МОФ), и поддржан од Фондацијата Отворено општество.

Спортското игралиште беше обновено со помош на група млади ентузијасти, студенти и членови на МОФ, со поддршка на Државниот студентски дом „Скопје“ и Општина Карпош.

Пред

Потоа

„Државниот студентски дом „Скопје“, заедно со Младинскиот образовен форум спроведе низа акции во трите студентски дома „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“ и останува отворен за соработки со други организации за заеднички активности за подобрување на животот на студентите“, изјави директорот на ДСД – Дарио Николовски.

„Речиси една година го работиме проектот заедно со ДСД кој вклучуваше две истражувачки анализи, обуки за станарите во домовите како и акции за разубавување и обновување на простори во домовите кои ќе бидат во функција на студентите“, дополни Мартина Илиевска од МОФ.

Игралиштето сега е обновено и целосно функционално, а со тоа станарите добиваат простор за спортски активности во текот на нивното домување во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Оваа акција е последна од низата студентски акции во државните студентските домови. Студентските акции од проектот се спроведуваа во државните студентски домови „Стив Наумов“ (реновирање на читалната и дворот на студентскиот дом), „Кузман Јосифовски-Питу“ (реновирање на диското и уредување на дворот) и „Гоце Делчев“ (обновување на спортското игралиште) во текот на месеците јуни и јули 2019 година.

Целта на овие акции е да поттикнат студентски активизам и самоорганизирање за адресирање на проблемите кои ги засегаат студентите-станари и волонтерски ангажман за нивно решавање.