ССНМ, ЗНМ и СЕММ со осуда за заканите кон новинарката Тања Милевска

Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до новинарката Тања Милевска, дописник за државната агенција МИА од Брисел.

Тие побараа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да ги истражат и процесуираат заканите и говорот на омраза кои се опфатени со Кривичниот законик.

„Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една држава. Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари, и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество. Фактот што Македонија е во предизборна кампања само дополнително потенцира апелот да биде упатен и до политичките партии како директни генератори на овој опасен тренд преку толеранција на овој наратив од нивни поддржувачи, ботови и лажни профили по социјалните мрежи“, соопштија овие новинарски здруженија.

Од институциите тие бараат итна реакција и будно следење на сите вакви појави, а од партиите побараа јавна осуда на нападите и поддршка на новинарските заложби за слобода на говор и заштита на медиумските работници.