ССНМ и ЗНМ: Отпуштање новинари не смее да биде прва мерка за справување со кризата

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осудуваат одлуката на работодавецот Нет медиа Груп Доел кој што ги поседува интернет порталите „Локално“ и „Стандард“ за, како што велат, да отпушти најмалку петмина новинари, дел вработени на определено, а на дел да им ги прекине хонорарните договори.

„Иако овој чекор се образложува со кризата предизвикина од корона вирусот отпуштањето на новинари треба да стаса последно, со оглед на значајната улога на медиумите во услови на вонредна состојба“, соопштуваат новинарските организации.

Според организациите, ваквата постапка особено зачудува поради фактот што Владата најавија сет на мерки за медиумите, кои, меѓу другото, се условени и со неотпуштање на новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки.

„ССНМ и ЗНМ апелираат работодавецот да ја преиспита оваа одлука која на прв поглед е избрзана, бидејќи според мерките на владата најмалку што може да понуди е минималната загарантирана плата . Истовремено, сметаме дека праксата сопствениците да бараат од новинарите и медиумските работници кои имаат важечки договор да потпишуваат спогодбено раскинување на работниот однос e недозволива и неприфатлива. Тоа им носи директна штета на работниците и им укажуваме дека таквите понуди веднаш треба да ги одбиваат“, велат ССНМ и ЗНМ.

Тие наведуваат дека отказите доаѓаат без претходна најава или известување за финансиската ситуација во која се наоѓаат газдите, со што, велат тие, се остава впечаток дека сопственикот воопшто не очекува и ниту се надева на идни мерки од владата за ублажување на импактот на кризата во финансиското работење и планирање.

„Овој пример лошо влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите . ССНМ и ЗНМ стравуваат дека овој случај може да предизвика ‘домино ефект’ и негативно да охрабри и други медиуми  да се одлучат на ваков чекор“, стои во соопштението на организациите.