ССМ: Седум слободни денови за работниците од поплавените подрачја

Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија потпишаа спогодба за измена на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, со која, во случај на елементарна непогода, бројот на слободни денови се зголемува од три на седум дена.

Со Спогодбата се овозможува и бројот на слободни денови дополнително да се зголеми во случај на прогласување вонредна или кризна состојба поради елементарни или друг вид непогоди.
Измената на Општиот колективен договор, како што појаснува Синдикатот, се должи на последиците од силното невреме кое го зафати Скопје и околината во саботата.
„Со ваквите измени и дополнувања на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, ССМ и ОРМ, како најрепрезентативни социјални партнери од приватниот сектор, изразија подготвеност да помогнат во справување со последиците од елементарните непогоди“, се вели во соопштението од ССМ.
За спроведување и контрола на примената на Општиот колективен договор за приватниот сектор од  областа на стопанството директно ќе се вклучи и ќе биде надлежен Државниот инспекторат за труд.