Српскиот јазик ќе биде изборен предмет за трето одделенците во Општина Центар

Општина Центар соопшти дека од оваа учебна година во седумте општински основни училишта, како изборен предмет за трето одделенците, ќе се воведе изучување на спрскиот јазик.

Во текот на месец мај, по препорака на Министерството за образование и наука, Општина Центар спроведе анкета за тоа колкав интерес има за изучување на овој јазик во паралелките од второ одделение во сите основни општински училишта, на која позитивно се изјасниле вкупно 153 ученици. Од Општината очекуваат оваа бројка да биде поголема кога во септември ќе се спроведе дополнителна анкета со отсутните ученици.

Ако постои интерес, од Општината најавуваат воведување на изборни предмети за изучување на јазиците и на другите етнички заедници, поточно: бошњачки, турски, влашки и ромски јазик.

„Воведувањето на јазиците на помалите етнички заедници во РСМ како изборен предмет во основните училишта на територија на Општина Центар има за цел да им овозможи на децата од одредена националност и академски да го изучуваат јазикот на националноста на која и припаѓаат, но и да им даде можност на децата од другите националности да се запознаат со јазикот на своите соученици. Проектот е во насока на зближување и заедништво, мултиетничка толеранција и разбирање и изучување и запознавање на децата со што повеќе јазици уште од најрана возраст“, велат од Општина Центар.