Сретен Давидов од Неготино е најдобар млад научник за 2017

Сретен Давидов е прогласен за најдобар млад научник за 2017 година. Признанието денеска му го врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Давидов е роден во Неготино. Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2012 година, а магистрирал во 2014 година на Факултетот за електротехника при Универзитетот во Љубљана, каде ја одбранил докторската дисертација.

Неговата работа опфаќа истражувања на полето на локациска оптимална поставеност на полначката инфраструктура за електрични возила од технички, економски и социјален аспект; истражувања на навиките на возачите на електрични возила со употреба на просторно-временските својства на траекториите на движење на електричните возила; истражувања на полето на одредување на сличноста на траекториите на движење на електричните возила и одредување на репрезентативни траектории – обрасци на движење; планирање на полначката инфраструктура и постапки за помош при крајно одлучување за конечната локација и тип на технологија за полнење; имплементација на стохастични пристапи при моделирањето на влезните податоци во процесот на оптимално планирање на полначката инфраструктура, како и истражувања поврзани со квалитетот на услуга на полнење на полначката инфраструктура.

Давидов работи и на истражувања на полето на батериските технологии за зачувување на електричната енергија, алгоритми за ангажман на батериски системи во рамки на системите за секундарна регулација на фреквенцијата во електроенергетскиот систем, на планирање и развој на електроенергетскиот систем – аудиториски вежби, како и на постапки за стохастична оценка на ефикасност на нови инвестиции во електроенергетската мрежа.

Неготинецот е асистент на Факултетот за електротехника при Универзитетот во Љубљана. Автор е на четири научни труда и член на Институтот на инженери по електротехника и електроника, на СИГРЕ ‒ Комитет за големи електрични системи и ЦИРЕД ‒ Комитет за дистрибутивни електрични системи.

Признанието „Најдобар млад научник“ веќе осум години по ред им се доделува за врвни научни достигнувања.