Средношколците му дадоа жолт картон на МОН

Со фрлање жолти картони пред Министерството за образование, средношколците им дадоа последна опомена на надлежните. Велат дека ако не бидат викнати на средба во следните 24 часа, ќе ја бојкотираат наставата до исполнување на пленумските барања.

„Донесените мерки без да се слушне нашиот глас не ги прифаќаме. Тие се уште еден експеримент. Голем дел од нас се полнолетни и формално сме подготвени да одговараме за себе. И тие што се малолетни , не значи дека се малоумни. И понатаму остануваме на нашиот став, и во иднна ќе го поставуваме прашањето – што направивме за идните генерации“, порачаа од Студентски пленум пред МОН.

Тие денеска маршираа поради лошите реформи во образованието и револтирани од игнорантскиот однос кој го има МОН кон Средношколскиот пленум. Иако им беше ветена средба,  наместо со Пленумот, раководството на МОН вчера се сретна со претставници на Унијата на средношколци, за која Пленумот посочи дека има неактивен статус од 2013 година.

Средношколците денеска излегоа на генерален марш во Скопје, од Собранието, преку Владата , се до Министерството за образование, поддржани од студентите, дел од наставниците и граѓаните.