Средношколци со литературни творби до министерот Адеми: Засукајте ги ракавите, доста ни беа ветувања и изјави

„Почитуван министре, на самиот почеток, дали ќе дозволите да не се налутите за мојата сурова искреност? Ученичка сум во трета година во гимназија. Среќна сум што ни давате бесплатни учебници и можност на избор на средно образование каде било во државата. Но, да беа барем учебниците напишани на јазик разбирлив за нас учениците. Вака напишани како студентски учебници не знам дали да ви се налутам или да се заблагодарам. Или нас не нè бива, па не ги разбираме, или нè преценивте , па нивото сосема го подигнавте.“.

Вака ученичката Драгана Саздова од средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе го започна својот есеј упатен кон министерот за образование и наука Арбер Адеми. Нејзината творба е една од десетината наградени на конкурсот што го организираше Фондацијата отворено општество. Инспирирана од проблемите во училиштето, таа пишува за неразбирливиот јазик на кој се напишани учебниците, односот на наставниците кон учениците и субјективното оценување.

„Простете ми на смелоста, почитуван министре, си земам за слобода да цитирам од годинешниот учебник по социологија:

Според него, методот од природните науки се покажува несоодветен за да се сфати феноменот на интерсубјективноста. Но, тој наместо да ја бара и фундира интерсубјективноста во едно јас, трансцедентно, што значи во еден субјект независен од секаква емпирија го сфаќаме како еден општествен факт, конституент на емпиријата, дури и за општествениот свет.

Јас ништо не сфатив што сакал да ни каже авторот, а вие министре?

Уште пред да ме советувате да го прашам наставникот за дообјаснување, ќе ви поставам уште едно прашање.

Кој наставник, министре?

Оној што минатиот час го поправив три пати додека пишуваше на табла? Еднаш на часот по македонски јазик морав да се натегам со професорката дали „којшто“ се пишува споено или разделено. А колку убаво си поминавме со минатогодишната професорка. Зошто мораше да ни ја смените? Си ја побаравме назад, но ние не сме биле факторот што одлучува. Па, нели го демократизиравме образованието почитуван министре, и нели по триста конвенции и повелби и дури потпишани чуда сме имале ученички права и слободи?

Да не ме разберете погрешно, почитуван министре, и вие сте нов на позицијата. Јас само сакам професори со сјај во очите, кои со страс ќе предаваат, кои никогаш нема да бидат премногу уморни за да нè сослушаат пто и да имаме да кажеме. Сакам да имаме професори сонувачи, шшто ќе нè научат да веруваме, да се надеваме, да истапуваме и да сонуваме како нив.

Професорот Венко Андоновски, го знаете… Многу го сакам и почитувам. Еднаш го расчлени зборот „образование“ како образ- ова-ни-е. Ова ни е образот, ликот ни е ова. Ако македонското образование формира лик од секој од нас, тогаш се плашам дека сите ќе личиме на страшила“, се вели во есејот на ученичката Саздова.

За условите во училиштата и причините за функционалната неписменост меѓу нив, зборуваше нејзиниот соученик Николај Павловски од гимназијата „Перо Наков“ во Куманово. За него, погрешно образовано дете е изгубено дете.

„Премногу гледам изгубени деца. Изгубени по лавиринти, но не по своја вина. Се движат не можејќи да најдат излез, со товар на грбот, со наведнати глави, без предизвик и апатично одат на училиште, а кога се таму, чекаат што побрзо да завршат часовите и да си одат дома.

Губат ден, месец, година, својата младост, во чекање речиси една петина од својот живот. Тоа што го гледаме кај нас во училиштата, практично сите го знаеме под вистинското име  – хаос.

Според мене, прва причина, кој е коренот на проблемите, е обемноста на материјалот. Секој ден е пренатрупан со многу часови, а за нив мора да се носат посебни материјали, книги, тетратки, за сите предмети секој час.

Гледаш куп информации, податоци, факти, пренатрупени едни врз други, недоволно објаснети, напишани на несоодветно, факултетско, ниво. Тука се создава новиот проблем – конфузијата. Како да научам ако не разбирам“, нагласи Павловски.

Го нагласи и теретот кој го носат наставниците кои како што вели, се пренатрупани со документација.

„Доаѓаат со куп проблеми од дома, немаат време, многу материјал и повторно се создава конфузија. Класичноста која не е предизвик, а со која предаваат, едно клише е создадено, доведува до заспиеност, апатија. Исто така, условите во кои учиме. Книгите, пред сè, искинати и исчкртани неколку години стари, не се земаат во рака. Копираме страници, а некогаш и цела книга оти се распарталени. Можам уште многу да зборувам, но јас морам да учам“, се пожали кумановскиот средношколец.

Преку поема, младата Елена Савеска од тетовската гимназија „8 Септември“ им порача на надлежните да ги засукаат ракавите оти им е доста од ветувања и изјави.

„Велат, ако сакаш напредно општество, инвестирај во образованието. А ако сакаш да го уништиш, тогаш инвестирај погрешно. Почитуван министер за образование и наука, ние немаме образование, и тоа е сè од невнимание. Од оние кои го гласат во Собрание. Мораме образованието да го сфатиме сериозно, за младите да не ни исчезнуваат мистериозно. Им се кажува што треба да мислат во уши, а со тоа и имагинацијата им се руши.  Не се само учителите, туку и раководителите, и директорите, кои чекаат да им се поклонат на оние кои ги вработиле“, се вели во нејзината поема.

Савеска побара и поголема ажурност за врсничкото насилство во училиштата, но и поголема застапеност на менталното и сексуалното здравје.

„Само со квалитетни промени и да не чекаме опомени, програмите и учебниците да се проверат и соодветно да се променат. Да не се вработуваат партиски војници и психички неспособни штетници. Знаеме дека министерската фотелја е удобна, но сакаме да видиме колку е таа способна. Затоа, засукајте ги ракавите бидејќи доста ни беа ветувањата и изјавите“, стои во поемата на Савеска.

Но, наместо министерот Адеми, нивните трудови ги слушаше заменик-министерот Петар Атанасовски. Признава дека и самиот поминал низ истиот систем за кој средношколците пишуваа. Забележува дека проблемите се провлеку ваат од време кое веќе не постои.

„Сега имаме нови односи, технологии и начин на живот, а образованието ни е останато конзервативно, фабрички и поназад“, изјави тој.

Идејата на конкурсот е средношколците да ги споделат своите ставови и видувања за образованието, за тоа како според нив изгледа едно идеално училиште и наставник, но да ги споделат и своите предлози за подобрување на ситуацијата.

Координаторката на програмата за образование при ФООМ, Сузана Пецаковска, ги опиша нивните творби како храбри, креативни, но и отворени и искрени.

Таа на церемонијата на доделувањето на наградитe нагласи дека од образованието и училиштата зависи дали од учениците ќе направи пасивни набљудувачи, или граѓани кои мислат со своја глава.

„Македонските средношколци се недоволно вклучени во ученичкото управување и во донесувањето на одлуки во училиштата. 70 проценти од средношколците не знаат дали имаат ученичко управување во нивното училиште, 80 проценти никогаш не учествувале во избор на Средношколска унија, а над 63 отсто од нив сметаат дека не се дел од процесите и не учествуваат во донесување на одлуки за прашања од образованието кои се важни за нив“, истакна Пецаковска, додавајќи дека за овие податоци треба отворено да се зборува.

„Ние секогаш сакаме да се огледуваме на финскиот образовен систем, но да не заборавиме дека тоа по што финскиот образовен систем, кој важи за еден од најефикасните во Европа, е посебен, е неговата способност за постојано преиспитување. А тоа не може да се направи без да се прашаат средношколците и наставниците“, заклучи таа.

Емилија Петреска