Средношколци ќе се натпреваруваат со свои компании

Национален натпревар на ученички компании од десет средни училишта од Македонија ќе се одржи денеска во Скопје, со учество  на 55 средношколци и нивните ментори наставници од Битола, Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Скопје, Валандово и Велес.

Најдобрата ученичка компанија ќе учествува на Европското финале на најдобри ученички компании.

Оваа година домаќин на Европското финале е „Џуниор Ачивмент Србија“, каде од 16 до 19 јули, во Белград, ќе се одржи натпреварот на финалистите од 36 земји членки на Џуниор Ачивмент мрежата.

Натпреварот финансиски е подржан од Американската агенција за меѓународен развој, а се реализира од организацијата „Џуниор Ачивмент Македонија“, член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide“, основана 1919 година.

Главната цел на натпреварот е средношколците кои беа дел од образовната програма да го покажат своето искуство во менаџирање на ученичка компанија, стекнатото знаење и претприемнички вештини.

Ученичка компанија е образовна програма која се спроведува како вон наставна активност во средните училишта. Таа им овозможува на учениците да бидат вклучени во развојот и менаџирањето на сопствените компании, со вистински производи и услуги и да управуваат со заработката од пари за време на средното образование.