Средната класа се намалува за првпат од деведесеттите години

Глобалната средна класа минатата година се намалила за првпат во последните неколку децении поради пандемијата со Ковид-19, при што скоро две третини од домаќинствата во економиите во развој пријавиле загуба на приходот, покажаа две нови проценки засновани на податоци на Светска банка, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во студијата која беше објавена вчера, истражувачите од истражувачкиот центар „Пју“ открија дека рангот на глобалната средна класа, на оние кои заработуваат од 10 до 50 американски долари дневно, минатата година паднал за 90 милиони луѓе, односно на на речиси 2.5 милијарди луѓе.

Ова влијаеше на зголемување на бројот на сиромашни или оние кои живеат со нешто помалку од два долари дневно за 131 милиони луѓе, проценува „Пју“.

Податоците на центарот за средната класа всушност го потценуваат влијанието, бидејќи се проценува дека 62 милиони луѓе со високи примања, или оние кои заработуваат 50 американси долари или повеќе дневно, паднале во средната класа, што е резултат на пандемијата, посочи Ракеш Кошар, автор на студијата.

Тој додаде дека „никогаш порано во историјата немало таков пад на приходите на глобално ниво“.