СПУКМ: Ние сме независни и не потпаѓаме под партиски влијанија

„Студентскиот парламент на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј”- СПУКМ е здружение на граѓани од автономен, невладин и непартиски карактер. Ние нема да учествуваме на ниеден партиски митинг, ниту пак ќе настапиме со политички барања за оставка на владата“, објави СПУКМ на својата страница на Фејсбук.

„Како и во минатото, ние ќе си ја работиме нашата работа согласно законите и подзаконските акти и нема да потпаднеме под ничие партиско влијание за остварување на нечии политички апетити. Студентите заслужуваат слободен академски простор надвор од политиката! Затоа апелираме до сите студенти, поддржувајте ја својата политичка опција, но надвор од Универзитетот!“, пишува во објавата на СПУКМ.

Студентскиот парламент повеќе од шест месеци функционира надвор од статутот и без легитимно раководство, откако на актуелниот претседател, Кирил Спировски, во ноември лани му истече двегодишниот мандат. Неговото владеење со СПУКМ измина во атмосфера на постојани обвинувања за блискост до владејачката партија. Нема најава за тоа кога би се организирале нови студентски избори, на кои би било избрано раководство на оваа организација.