Специјалната обвинителка Катица Јанева поднесе оставка: „Не сакам да бидам нечие алиби за судбината на СЈО“

Специјалната обвинителка Катица Јанева најави оставка од функцијата во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), додавајќи дека оставката ќе се активира кога ќе биде усогласено новото законско решение за оваа институција.

Во оставката, објавена на сајтот на СЈО, Јанева објаснува дека причината за ваквата одлука е нејзиното име да не се користи како алиби со кој некој би наштетил на евроинтеграциите на Северна Македонија.

„Чест ми беше да и служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезревно и посветено ги извршуваат своите работни задачи. Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, соопштија од СЈО.

Мандатот на СЈО истекува во септември, додека разговорите за новиот Закон за јавно обвинителство, кој би требало да го вклучи и СЈО, се водат од март и за него сé уште не е постигнатт договор меѓу власта и опозицијата.

Опструкциите врз Специјалното јавно обвинителство и давањето поддршка на Катица Јанева беа еден од главните двигатели на  Шарената револуција во 2016 година кога илјадници граѓани повеќе месеци демонстрираа низ улиците во земјата.