Спасувачки брод со мигранти заглавен во Средоземно море

Спасувачкиот брод „Аквариус“ кој пренесува 629 мигранти е заглавен во Средоземното море откако новиот италијански министер за внатрешни работи одби да даде дозвола да пристигне на пристаништето.

Матео Салвини, лидер на десничарската партија, рече дека Малта треба да го прифати „Аквариус“, но неговата идеја беше отфрлена.

Од Малта велат дека германската добротворна организација „СОС Медитеран“ ги зела мигрантите во либиските води, што значи дека тие се под надлежност на Италија, која пак, е главниот влез за мигрантите кои преминуваат од Северна Африка во Европа.

Партијата на Салвини им вети на гласачите за време на неодамнешните избори во Италија, дека ќе преземат цврст став за имиграцијата.

„СОС Медитеран“ кој раководи со „Аквариус“, изјави дека бродот бил упатен од страна на италијанскиот Координативен центар за поморска помош за да застане на својата моментална позиција, 35 наутички милји од Италија и 27 наутички милји од Малта.

Организацијата објави дека мигрантите биле земени во шест различни операции за спасување од брегот на Либија.

Агенцијата за бегалци на ОН во Италија ги повика „вклучените држави и актери брзо да најдат решенија за да им овозможат на мисионерите и бегалците качени на Аквариус да се симнат безбедно и брзо”.

Многу од мигрантите беа спасени во водите контролирани од Либија, честа рута за недокументирани мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа од субсахарска Африка.

Околу 400 биле спасени од италијанската морнарица, италијанската крајбрежна стража и трговските бродови пред да бидат префрлени во „Аквариус“.

Меѓу спасените на бродот се 123 малолетници без придружба, 11 помлади деца и седум бремени жени, велат од организацијата.

Малолетниците се на возраст меѓу 13 и 17 години и доаѓаат од Еритреја, Гана, Нигерија и Судан.

Еден член на екипажот на бродот, Алесандро Поро, изјави за италијански медиум дека очајно им треба да знаат кон кое пристаниште да одат.

„Луѓето што ги спасивме вчера беа во тешка состојба, најмалку 50 беа изложени на ризик да се удават”, додаде тој.

Минатата недела, Салвини од Рим рече дека треба да ги зголеми своите депортации на мигранти и да ги пресели барателите на азил во ЕУ, шема која веќе е одбиена од страна на некои земји-членки.

Салвини вели дека размислува за акција против организациите кои ги спасуваат мигрантите на море. Тој претходно ги обвинил дека биле во соработка со шверцери.

Критичарите на владата велат дека неговиот план е нефункционален и поттикнува расизам и политизирање на хуманитарното прашање.

Контроверзниот договор меѓу поранешната италијанска влада и властите во Либија доведе до пад на вкупните пристигнувања од минатото лето, но италијанските официјални претставници велат дека 13.500 мигранти се регистрирани досега оваа година.

Портпаролот на владата на Малта изјави дека нивната држава „не е ниту координатор ниту надлежен орган” во операцијата за спасување. Тие и претходно одбија да прифатат спасувачки брод со 126 мигранти.