Сонови на четири тркала и два спрата

Сонови на четири тркала и два спрата

Влегувам во двокатен автобус. Величенствено ги качувам скалите и за момент се чувствувам како да сум на тура низ Лондон. Ете сум после 3 минути назад во Скопје. Ме освестија капките што се цедеа од врвот на вториот кат и гласниот турбофолк што трештеше низ целиот автобус.

______ __ ______ ______ _ ___ ______Во еден момент почнаа звучниците да испуштааат милозвучници звуци на џез . Ми пријде контролорот и љубезно ме замоли да му го покажам билетот. Помина низ целиот автобус без да изнесе некој надвор влечејќи го за јакна. Чудно. Моето долго патешевствие од Драчево до Центар заврши. Се симнав на автобуската пред Градската Библиотека. А таму една огромна редица. Си помислив некој да не сече црвена лента па се приближив да видам. Ама не , редицата беше од луѓе што изнајмуваа книги. Исполнет од глетката си тргнав да пропешачам низ Центар. Поминав и покрај плоштад , а таму на средината голем споменик на мотиви од „Тешкото“. Од страна ништо. Едно најубаво ништо што му даваше живот на тоа мое Скопје. Одев неуморно покрај толку многу среќни лица. Некако сите беа насмеани и весели што го живеат денот. На крај дојдов во училиште.

Класната соопшти дека ќе ни го реновираат училиштето и интернатот во кој моите соученици видоа се што нетреба. Излегов во дворот да ги поминам последните моменти во дотраената и изнемоштена зграда. Веќе надвор ме дочекаа моите другари, албанци и македонци собрани на една клупа и смеејќи се на глас ме викнаа. Ме зачуди тоа што не бевме одвоени, но сепак некако набрзина истрчав израдуван од моментот што ме понесе. Се вратив дома и вклучив телевизор. Одбрав сигурна опција па си ја вклучив Ана Јовковска ментално да ме прошета. За време на рекламите менувајќи ги програмите видов дека Сулејман таа вечер не беше во поход против својот женски харем ниту пак лисјата не паѓаа. На една програма документарен филм за улогата на младите во општеството, а на другата политички дуел без лупање по маса. Седејќи удобно во креветот нешто почна да ме размрдува.

Ми се појави огромна црнина пред очи и потоа отварајќи ги очите видов еден стар дедо. Се разбудив повторно во стариот влажен автобус. Беше петок и ме протресе еден дедо со полни кеси кромид и ми кажа дека веќе некое време спијам под ситните капки што продираа низ автобусот. Токму на време. Се симнав пред онаа мојата редовна автобуска. Градската библиотека беше затворена поради неможност да добие финансии за набавка на нови книги. На плоштад имаше еден куп барок и многу намуртени лица. Дојдов во училиште. Јас како македонец во една смена, а моите другари албанци во друга. Другарката ми кажуваше за тоа како во интернатот поминале цел ден без греење и морале да учат покриени со три ќебиња и шишиња топла вода. Кога дојдов дома на телевизија беше повторно турското ропство во продолжение на 264 епизода. И кога дојде време да легнам да спијам на крајот на денот ми беше страв да сонувам. Страв од моите преголеми очекувања преточени во соништа кои што секаде ме бараат.

Препорака : Читајќи го мојот сон пуштети си ја песната во надополнение и придружете ми се заедно да сонуваме.

 

#кромид028

predupreduvawe