СОНК не отстапува од штрајк, министерот Адеми ги повика училиштата за настава

Додека министерот за образование Арбер Адеми ги повика наставниците и директорите да се подготват за првиот училиштен ден, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не отстапува од одлуката за предупредувачки штрајк.

СОНК нагласува дека не се задоволни од покачувањето на платите од 5% овој месец, туку бараат да се зголемат до 25%.

Јаким Неделков, претседател на СОНК, вели дека не е постигнат договор со Министерството за образование и наука. Штрајкот ќе трае само утре, а од вторник ќе има редовна настава.

„Наставниците би биле во просторијата за штрајкување, учениците кои евентуално би дошле на училиште, нема да бидат прифатени. Сите други планирани активности планирани од страна на училиштата, наставниците нема да ги реализираат, бидејќи ќе штрајкуваат“, рече Неделков.

Според него, членови на СОНК се повеќе од 20.000 наставници.

Наспроти синдикатот, министерот за образование Адеми смета дека кога има одлука за покачување на платите, нема потреба од штрајк.

„Дополнително, ние велиме и нудиме решение, и решение ќе има. Велиме дека ќе има и идни покачувања на платите. Апелирам до сите вработени во дејноста образование – да си ја завршат работата. И апелирам до родителите и учениците – да си ја започнат школската година“, рече Адеми на прес-конференција.

Адеми тврди дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците и дека за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања од по пет отсто лани и оваа година во септември.

Доколку ситуацијата остане непроменета, преговорите со МОН ќе траат во текот на месец септември. Ако не падне договор, СОНК планира и генерален штрајк на почетокот на октомври.