Сондата „Нови Хоризонти“ на НАСА на новогодишната ноќ стигнала до крајот на Сончевиот систем

Во првите часови од новата 2019 година вселенската сонда „Нови Хоризонти“ (New Horizonsна НАСА би требало да дошла до најоддалечената точка од Сончевиот систем до која некогаш стигнал уред од Земјата.

Според научниците, сондата утрово требало да стигне до вселенскиот камен наречен Ултима Тул, кој се наоѓа 6,4 милијарди километри оддалеченост од Земјата, на надворешниот раб од нашиот Сончев систем.

Сондата, лансирана од Американската вселенска агенција во 2006 година, во летото 2015 година стана позната поради првите квалитетни снимки од Плутон, по што се упати кон Кујперовиот појас, составен од џуџести планети, вселенски камења и ледени остатоци од формирањето на Сончевиот систем пред 4,6 милијарди години.

„Нови Хоризонти“ е толку далеку што научниците од мисијата немаат начин да се соочат со евентуални проблеми на кои можела да наиде сондата, туку сè е оставено на вградениот софтвер во објектот.

Првите фотографии од Ултима Тул најрано ќе стигнат утре, а оние со подобар квалитет дури на 3-ти јануари.