„Солидарни за срцето на Скопје“ – собир пред Универзална сала на 6 август

Иницијативата „Градот убав“ на 6 август (четврток) од 20 часот повикува на собир пред платото на Универзална сала со цел, како што велат, граѓаните да бидат солидарни за срцето на Скопје.

„Придружете се на собирот за Универзална сала, да не дозволиме да исчезне овој белег на Скопје“, се вели во повикот на социјалните мрежи.

Од иницијативата замолуваат да се почитуваат мерките за дистанца и носење маски.

Изминатиов период Универзална сала влезе во фокусот на јавност и се појавија разни реакции откако Градот Скопје објави конкурс за летна сцена со парк на местото на стариот претпознатлив објект.

Од Град Скопје потоа потенцираа дека за Универзална остануваат три опции. Едната е да се урива и гради нов објект на истата локација. Втората е уривање на салата со дислокација и заштита на просторот со тековниот конкурс. Третата е реставрација на постојниот објект и израдба на повеќенаменска сала на друго место.

Градоначалникот Петре Шилегов најави и можен референдум доколку стручната јавност не најде решение за Универзална сала.