Сојуз на средношколци: Здравјето и безбедноста мора да се во центарот на политиките за враќање во училиште

Здравјето, безбедноста и благосостојбата на училишната заедница мора да бидат во центарот на политиките за враќање во училиште, сметаат од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија – ССРСМ.

„Повторното отворање на училиштата може да се земе в предвид само доколку е безбедно за сите. Училиштата се суштински социјални средини, а нивните инфраструктури во најголем дел се недоволно опремени за потребното физичко дистанцирање кое го бараат надлежните органи за здравје и безбедност. Учењето лице в лице е важно заради неопходните социјални интеракции кои ги овозможува, но во време на криза училиштето мора да се осигура дека таквите интеракции се безбедни“, порачуваат од Сојузот.

Оттаму бараат одликата за повторното отворање на училиштата да се донесе со вклување на сите засегнати. Укажуваат дека конкретната примена на мерките за здравје и безбедност мора да биде јасно дефинирана, комуницирана и на сите засегнати страни треба да им се обезбедат информации и опрема за одржување на потребните стандарди за хигиена.

„Особено внимание треба да се посвети на учениците и вработените во училиштата кои се лица од ранливите категории, или доаѓаат во директен контакт со ранливи лица, без оглед на нивната возраст или медицинска состојба“, велат од Сојузот и додаваат дека е во рамки на политиките за враќање во училиште мора да се обезбеди психосоцијална и психолошка благосостојба на училишниот персонал и учениците,
и да им биде достапна соодветна поддршка.

Додаваат и дека нарушувањето настанато од Ковод -19 во образованието мора да се намали според
специфичностите на секторот,  како и да се обезбеди рамноправен пристап до квалитетно образование, за време на и по пандемијата.

„Кризата со COVID-19 ги откри и засили претходно постоечките нееднаквости. За училишната заедница, нееднаквиот пристап до дигитални алатки и доброфункционална опрема за поврзување резултираше во голем број на наставници и ученици кои со потешкотии се справуваат со нивните секојдневни задачи поврзани со училиштата. За оваа ситуација треба итно да се направи рефлексија и да се
спроведе решение.

Покрај тоа, додека далечинското учење ги потенцира различните степени на подготвеност и автономија на учениците за работа надвор од училницата, како и можноста на нивните родители и семејства да ги поддржуваат во учењето и училишните задачи, наставниот кадар треба да биде поддржан за ниту еден ученик не заостанува за време на повторното отворање на училиштата и транзицијата кон
потрадиционални средини за образование“, додаваат од Сојузот.