Социјалните мрежи мост меѓу поплавените и волонтерите – продолжува помошта за настраданите

Девет дена по поплавите во скопско, продолжуваат акциите за расчистување на најпогодените подрачја.

Социјалните мрежи станаа мост за поврзување на луѓето кои имаат потреба од помош и оние кои сакаат да помогнат. Денеска волонтерите и активистите најавија дека акциите ќе се концентрираат на Стајковци каде се уште има голем број домови кои треба да се расчистат. Во текот на изминатите денови, волонтерите организирани преку ФБ групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“, им помагаа на жителите во населбата Ченто и селото Сингелиќ. Овде е завршен најголем дел од чистењето на куќите и дворовите, а сега се чека на механизација за отстранување на сметот и миење на улиците.

Автобусите на ЈСП продолжуваат бесплатно да возат волонтери до пунктот во Стајковци. Секојдневно во 9, 12 и 15 часот автобуси тргнуваат од населбите Ѓорче Петров, Кисела Вода и Бутел. Последното враќање назад е во 19 часот.

Според апелите од Црвениот крст, но и од пораките кои на социјалните мрежи ги оставаат поплавените граѓани, најпотребно е конзервирана храна, бебешка храна и пелени, средства за хигиена, средства за дезинфекција, лопати, гумени чизми, кофи, гумени ракавици, пешкири, пелени за возрасни и пластични кеси за ѓубре.

Од Црвениот крст во саботата објавија дека до тогаш преку жиро сметката на фондот на солидарност биле прибрани 22,1 милиони денари, а од телефонските донации 12,6 милиони денари. Во операцијата од оваа организација се вклучени 120 лица, до саботата информираат дека од нивна страна се дистрибуирани скоро 18 илјади пакети храна, над 2 илјади пакети за хигиена, 130 тони вода, а укажани биле и 92 асистенции по прва помош и 4 медицинки транспорти.

Институтот за јавно здравје соопшти дека водата за пиење е безбедна во поплавените подрачја, но се уште апелира за претпазливост во конзумирањето на храната и водата, како и посебна внимателност на личната хигиена. Се делат и информативни флаери за населението на македонски и албански јазик.

Владата најави дека погодените семејства ќе бидат сто процентно обештетени, а дел од средствата ќе бидат авансно распределени пред да биде заврша постапката на проценување на штетите и исплата на средствата. Министерството за труд и социјална политика соопшти дека се задолжуваат органите на државната управа, а се упатуваат препораки на на другите државни институции, единици на локална самоуправа и приватни фирми да ги ослободат од работа до петок вработените кои живеат во Стајковци и Сингелиќ.

Собранието на Република Македонија вчера вонредната седница ја започна со едноминутно молчење поради 22-те жртви од поплавите. Опозициските пратеници побараа одговорност за катастрофата и пренамена на средствата за изградба на панорамското тркало до поплавените семејства. Мнозинството, во изгласаните заклучоци, сепак не побара пренамена на тие срества, туку на средствата предвидени за набавка на возила, за изградба на репрезентативни објекти, за купување мебел и друга опрема, како и средства за репрезентација.