Социјални работници: Одговорноста за врсничкото насилство ја гледаме во МОН

Здружението на социјални работници на Македонија ја изрази својата загриженост од видеото во кое се забележува врсничко насилство во Основното училиштe „Гоце Делчев“ во Неготино.

Според нив, психичкото вознемирување, физичкото малтретирање, социјалната изолација, сексуалното злоупотребување, а во поново време и насилството на Интернет стануваат сериозен психо-социјален проблем со кој се соочуваат се поголем број на основци и средношколци во државата.

„Наставниците немаат доволно информации за тоа како да се справат со врсничкото насилство, а стручните тимови во кои отсуствува социјалниот работник најчесто се ограничени во своето поле на делување и не се во можност да ја пружат неопходната социјална подршка која им е потребна на учениците.

Одговорноста за ваквите случувања ја гледаме во Министерството за образование и наука, кое повеќе од 20 години воопшто не го препознава социјалниот работник како стручно лице кое игра клучна улога во справување со ваквите случаи и ретко е дел од стручните служби во училиштата. Истото го повтори и новото раководство во МОН, кои во новите стратегии не го зема во предвид социјалниот работник како дел од стручните служби во училиштата.

Од здружението велат дека согласно сегашната пракса, училиштата ја префрлаат одговорноста за социјалните ризици во Центрите за социјална работа, кои и сами се претрупани со одговорности и не се во можност целосно да ги решат ваквите случаи до крај.

„Од таа причина, како професионалци решивме јавно да посочиме која е наша улога како стручен профил во основните и средните училишта во една општа рамка: Социјалниот работник работи на откривање/идентификација на ученици кај кои неповолните социјални услови во средината се одразуваат врз образовните постигања и работи на нивно надминување. Тој спроведува индивидуална и групна социјална работа со ученици во социјален ризик и со социјални проблеми, како и социјална работа во локалната заедница за обезбедување на неопходната поддршка и ресурси за овие ученици и нивните семејства.

Воедно, креира и имплементира програми за социјална превенција на примарно, секундарно и терцијарно
ниво, за спречување на појавата на социјални проблеми кај учениците. Примерот со учениците од ова училиште само го уклучува алармот кој сакаме да го упатиме до Министерство за образование и наука за вработување на социјални работници во стручните служби на училиштата. Притоа апелираме на воведување на итни Програми за спречување на врсничко насилство во училиштата и активно вклучување на социјалните работници како фактор за откривање и поддршка на децата кои се жртви на насилството“, стои во реакцијата на Здружението на социјални работници на Македонија.