Собрани парите за реновирање на тоалетите во Медицинското училиште во Битола

Пред четири месеци, средношколката Медисон Ристевска од австралискиот град Волонгонг започна иницијатива за реновирање на тоалетите на медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола. Преку онлајн кампања на платформата „Гоу фанд ми“ таа успеа да собере речиси 24.000 евра, односно 4.000 евра повеќе од првичната цел. Па така, покрај тоалетите, ќе се заменат и дел од вратите во училиштето.

Иницијативата е домашна задача што средношколката со македонско потекло ја добила на нејзиниот колеџ во Австралија. Целта е да се изработи проект кој ќе помогне во решавање на проблеми во локалната заедница. Ристевска се решила да го направи тоа со медицинското училиште во Битола, откако од прва рака видела во какви лоши услови учат учениците.

Фото: Првичната состојба на училишните тоалети

„Беше тажно да се види дека ученици мора да одат во училиште во такви лоши услови. Се надевам дека во наредната учебна година проектот ќе биде завршен“, вели таа за Радио МОФ.

„Многу сум благодарна. Мислев дека ќе биде многу полесно од ова, но беше многу тешко. Сепак, ја постигнавме целта, собравме повеќе од што требаше и јас сум многу среќна од резултатите“, додава Ристевска.

Од самиот почеток ја добила целосната поддршка од нејзиното семејство и училиштето, а најмногу од професорката Марија Магдалена Петковска Микаровска која директно го набљудува целиот процес во Битола. Волонтерски помага и нивниот пријател Дејан Томски.

„Тие беа воодушевени и благодарни што нешто конечно ќе биде направено и мислам дека сите ја имавме таа идеја дека сакаме да ги поправиме тоалетите за учениците да имаат подобри санитарни услови“, вели Ристески за реакцијата на надлежните во училиштето.

Парите се собрани, реновирањето започна 

Работници изминативе денови ги рушеа старите ѕидови на тоалетите кои беа покриени со мувла. Следува замена на скршените и протечени нефункционални тоалети кои досега ширеа непријатен мирис. Но, професорката Петковска-Микаровска соопшти дека се појавиле непредвидени моменти во текот на реновирањето.

Фото: Започна реновирањето на тоалетите во медицинското училиште

„Кога се срушија ѕидовите се виде дека има потреба од уште една подлога и менување на некои цевки кои не беа видени, бидејќи само однадвор беше направено идејното решение. Дополнително имаше работи кои не беа планирани, а ќе се направат“, најави таа.

Професорката се надева дека реновирањето ќе биде завршено до почетокот на учебната година и оти учениците набрзо ќе може да ги користат новите тоалети.

Сепак, најголем предизик и разочарување за Ристевска и Петковска-Микаровска било собирањето пари.

„Беше тешко да се соберат парите и да ги обедам луѓето да донираат. Им пратив мејл на речиси сите македонски бизнисмени, но навистина е тешко да добиеш одговори и моравме да телефонираме многу и да праќаме пораки. Тоа веројатно беше најголемиот предизвик“, вели Ристевска, додавајќи дека би сакала да има доволно средства кои би се донирале и кај деца од социјално загрозени семејства.

Ова го потврдува и Петковска-Микаровска. Според неа, ова ја покажува општествената (не)одговорност на компаниите.

Од компании, во пресрет им излегле единствено „Еуролинк“ со донација од 2.000 евра. Сите останати, вели професорката останале тивки на нивните молби.

„За рекети имаат пари, за тоалети не“, се пошегува таа.

„Немаше поддршка, имаше ученици и студенти кои донираа свои пари“, додаде Петковска-Микаровска.

Иницијативата е тест за Ристевска, но и за надлежните во училиштето

За австралиската средношколка ова е првпат да покрене ваква иницијатива откако претходно во неколку наврати само донирала за други проекти. Вели научила многу по пат.

„Ме научи никогаш да не се предавам, да се држам до идејата дури и кога не сум сигурна дали ќе успеам. Ми ги отвори очите“, вели таа.

И за професорката Петковска-Микаровска ова претставувало лекција, бидејќи како што вели слична иницијатива воопшто немало досега.

„Ова е првпат да се случи на овој начин и толку е професионално што ние буквално учиме како може да се направи само со една огромна добра волја, со многу организација, упорност и со љубов да се заврши еден проект“, истакна таа.

Во Австралија биле воодушевени од предлогот на Ристевска, бидејќи нејзините соученици се одлучиле за проекти кои се фокусирани на локално ниво.

„Мислам дека е многу важно деца на моја возраст да помагаат и да го прават светот подобро место за живеење. Не мора да биде нешто големо, може да биде и поедноставно. Но, мислам дека е важно сите да се трудиме да направиме промена и да си помагаме“, вели таа.

„Не се откажувајте, ќе биде тешко, не е најлесната работа. Се почнува со мали чекори, но може да стигнете далеку ако навистина дадете се од себе“, гласи нејзината порака до своите врсници.

Емилија Петреска