Со видеоигри, експерименти и настава во природа до квалитетно образование – наставници ги споделуваат своите методи

Во македонските училници сè уште постојат наставници кои наоѓаат начини да го доближат светот на бројките, на буквите и науката до своите ученици, и покрај немањето услови и средства.

Рецептот за квалитетно образование, велат посветените наставници, е во тоа што излегле од училницата и наставата, создале свет каде учениците не само што учат, туку и другаруваат меѓусебно, а во исто време се подготвуваат и за животот.

Вкупно девет проекти кои произлегле од самоиницијативноста на наставници беа наградени од Фондацијата отворено општество, за иновативноста и креативноста што ја вложиле. Повеќето од нив, за првпат добија некакво признание за својата работа.

Една од нив е наставничката Мара Ѓорѓиовска од основното училиште „Григор Прличев“ од Охрид. Таа организирала целодневна активност која вклучува игра со балони. Преку забава, учениците несвесно научиле содржини од македонски јазик, математика, физичко, ликовно и запознавање на општеството. На конкурсот ја пријавила нејзина помлада колешка, која пак, случајно присуствувала на еден од нејзините часови.

„Првпат после толку години искуство, првпат после толку генерации изведени на пат, генерации кои се многу успешни, не само во општеството, туку и надвор од нашата држава, добив некоја сатисфакција за својата работа. Не е сè така црно како што мислиме. Во секое нешто има добро и од искуство кажувам дека применувам реформи и од старото образование, но не се плашам од предизвикот да применам и од новото образование. Верувајте, спојот е одличен“, рече таа.

Нејзината колешка од Скопје, Евдокија Петрушевска е наставничка во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“. Со своите ученици и нивните родители реализирале активност насловена „Воздушен сообраќај“.

Петрушевска ги однела на аеродромот Петровец, повикала стјуардеси во нивната училница и користела иновативен начин на оценување на знаењето преку фрлање на коцка или изработка на слики од исечоци на кои биле прикажани воздушните превозни средства.

„Мотивацијата е игра во која се натпреваруваш сам со себе“, смета таа. „Луѓето доаѓаат на работа и сакаат да добијат нешто повеќе од плата. Сакаат да знаат дека нивната работа се цени, се почитува“, продолжи Петрушевска.

Соработката со родителите и училиштето, но и децата во чии очи го гледала жарот дека сакаат да излезат од рамката, е она што ја мотивирало.

„Децата не сакаат монотонија, сакаат да им биде интересно и од практичното да научат повеќе“, вели Петрушевска.

Но, некои немаат толку средства, па се снаоѓаат како умеат. Невенка Ѓошева од основното „Рајко Жинзифов“ од велешко Оризари работи со ученици во продолжителен престој. Таа има потешка задача, бидејќи треба да им помогне на учениците да го совладаат материјалот што не успеале да го научат со редовната настава. За да го направи тоа, морала да употреби метод што самата го смислила.

Со буквите ги запознала така што користи машина за создавање букви од стиропор, рачна изработка на нејзиниот сопруг.

„Освен што сме наставнички, ние сме и втори мајки на децата, а тие тоа го чувствуваат. Поминуваме прекрасен ден од 7 и 30, па до 15 часот. Нашиот спој е нешто природно, нешто полно со позитивна енергија и мислам дека токму тоа доведе до освојување на оваа награда. Треперам од среќа, во моето десетгодишно работно исксутво првпат добивам награда којашто е лично моја“, изјави Ѓошева, по што најголем аплуаз доби токму од најмладите во публиката – нејзините ученици.

Повисоко образование, поголеми потреби за средства

Наставниците од природните науки се оние кои најчесто мора да смислуваат креативни начини на учење за да го привлечат вниманието на учениците.

Затоа, Кети Наумовска, наставничка по математика во основното „Кузман Јосифовски Питу“ од Кичево ја организирала активноста која ја нарекла „Соба од соништата“. Таа опфаќа знаења од повеќе области за да се изработи минијатурна детска соба која ќе има рачно изработен мебел, сијалици и текстилен материја.

За проектот, вели таа, вложиле многу труд. Посветиле два месеци, работејќи на него по часовите, но и за викенди, но нагласува дека тоа го правеле со задоволство.

„Нема да бидам скромна ако кажам дека ме мотивираше и наградата. Придонесов моето училиште да ги добие овие средства кои секако ќе ни бидат добредојдени“, беше искрена Наумовска.

Географијата е една од природните науки, која не секогаш е примамлива за учениците. Преоптоварени со информации за тоа колку овци и крави има во Финска, на пример, учениците најчесто завршуваат со учење напамет. Токму тоа, професорот по географија Мите Ристов, во битолското средно училиште „Јосип Броз Тито“ се обидува да го промени.

Неговата настава ретко се спроведува во училница, пред мапа. Тие излегуваат на терен, посетуваат пештери, потоци, се среќаваат со локалното население и прават истражувања, а потоа податоците ги споделуваат на нивната веб-страница. Според него, географијата е предмет кој мора да ги обедини природата и општеството.

„Еден од мотивите за да учствувам на конкурсот ми беше да ја поттикнам образовната заедница во Македонија. Да споделам мои видувања на кои начин може да се одвива наставата, со тоа што повеќе внимание ќе се даде на наставата во природа, која со текот на годините сè повеќе ја занемаруваме. Особено во ова технолошко време децата сè повеќе ги затвораме“, вели Ристов.

Неговата порака до Министерството за образование и наука е да ја вклучи наставата во природа во наставните програми за основно и средно образование.

Но, и тој, како и неговите колеги рече дека една од причините зошто се пријавил на конкурсот е потребата од средства.

„Со оглед на тоа дека доаѓам од училиште кое има минимални технички услови и простор за одвивање на современа настава, еден од мотивот беше и финансиската поддршка кој ќе биде стимул за сите наставници и училиштето“, рече Ристов.

Неговата колешка Елизабета Софрониевска од Скопје, пак, ги среќава своите ученици од гимназијата „Орце Николов“ на час по хемија. Пред пет години решила да се обиде предметот да го направи креативен така што ќе вметне и елементи на претприемништво.

Со нејзината активност ги едуцирала учениците за штетното влијание на некои од состојките во козметиката и ги поттикнала сами да изработат органска козметика, која потоа ќе ја продаваат.

„Беше активност која мене ми го смени животот. Јас не бев ни свесна кога го почнав тоа колку моите ученици се способни да направат нешто. Ние успеавме со учениците да најдеме рецепти за нашата козметика, да набавиме средства и амбалажи, да креираме налепници, да ги спакуваме, да ги продадеме и да ги вратиме парите што ни ги даде училиштето. За на крај да сфатиме дека тоа не смеело да се прави без дозвола, требало да имаме сертификат“, се насмеа професорката Софрониевска.

Учениците од класот на Софрониевска истапија на сцената за време на доделувањето на наградите и се заблагодарија на својата професорка за напорите кои ги вложува

Таа истакна дека не морала ништо да прави, освен да ги насочи учениците, кои веќе целосно се посветиле на проектот.

Но, како физиката, која се смета за прилично тешка наука, да им се доближи на средношколците? Одговор на ова прашање го даде Никола Делевски, професор по физика во средното училиште „Никола Карев“ во Струмица.

Решил физиката да им ја доближи преку видеоигри така што опседнатоста на учениците ја насочил за да ги научи да пресметуваат разни параметри. Проектот го работел четири години, а за тоа објавил и два стручни трудови.

„Почнав од тоа што јас го знам. Сите сме биле средношколци. Ми беше наједноставно да почнам со видеоиграта „Супер Марио“ која сите како мали сме ја играле. Секоја година имавме нова видеоигра која ја стававме во улога на физика. Еве четири години го слушаме министерот кој вели дека сака виртуелни училници. Тоа ние веќе го правиме. Играта е тоа што нè сплотува“, посочи Делевски.

За него, учениците се на прво место. Вели секојдневно работи за нив, да им даде идеи и цели во животот кои ќе ги изведат на прав пат.

Она што е заедничко за овие наставници е потенцијалот во нив, но и нивната потреба од креирање на заедница за учење, каде меѓусебно ќе ги споделуваат своите идеи, а со тоа и вистински да поттикнат промена.

*Во продолжение, кратко видео со сите наградени проекти:

Емилија Петреска