Со велопикник презентирана тематска карта за паркот на природата „Гази Баба“

На големата ливада во Паркот на природата „Гази Баба“, денеска се одржа велопикник и промоција на тематската карта за овој парк, како дел од активностите на Град Скопје на третиот ден од Европската недела на мобилност 2016.

Градотначалникот Коце Трајановски рече дека дека Скопје и и годинава се приклучи кон големото семејство европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност и со низа активности ги одбележува деновите на алтернативната и одржлива мобилност.

Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје организира богата и разновидна програма, која, како што рече, е посветена и интересна за сите граѓани.

Велопикник на Гази Баба - 2

„Денеска, во Паркот на природата ’Гази Баба’ во соработка со Здружението за спорт и рекреација ’Прв до врв’ организираме велопикник на кој граѓаните имаат можност да практицираат планински велосипедизам, да џогираат на трим патеката, да уживаат во добра музика и да поминат убаво време на отворено. Нашата цел е да се дружиме, да се едуцираме и да испратиме порака за поздрав и поактивен живот, како и да го промовираме велосипедот како алтернативно транспортно средство заради одржлива урбана мобилност“, рече Трајановски.

Во однос на тематската карта за „Гази Баба“, чија изработка ја финансираше Градот Скопје, рече дека на неа се презентирани површината и границите на заштитеното подрачје, присутната вегетација и уредувањето со содржини за попријатен престој на граѓаните, а особен акцент е ставен на презентирање на сите патеки, нивната намена и должина.

Тематска карта за паркот „Гази Баба“

Тематска карта за паркот „Гази Баба“

„Ги поканувам моите сограѓани редовно да го посетуваат овој парк, да спортуваат и да рекреираат. Градот Скопје многу вложи во уредувањето на Паркот на природата ’Гази Баба’, паркот го обезбедува чуварска служба, влезот со возила е забранет, уредени се трим-патеки, а поставени се и видиковци и урбана опрема“, рече денеска градоначалникот Трајановски.

Инаку, на денешниот велопикник се претставија и локални бизниси специјализирани за производство и дистрибуција на здрава храна и пијалаци, како и велосипедски продавници кои презентираа различни модели на велосипеди, а понудија и бесплатна поправка и совети. На присутните граѓани им беа поделени и флаери со податоци за тематската карта за Паркот на природата „Гази Баба“.

Денешниот, трет ден од Европската недела на мобилност 2016 се одвива под мотото „Велосипедот неразделен придружник“.