Со посвета за професорот Сидо, многу кромид и ентузијазам започна десеттиот „МакеДокс“

Во добро познатиот амбиент на Куршумли ан, со посвета за неодамна починатиот професор Стефан Сидовски, беше отворено десеттото издание на фестивалот „МакеДокс“. Првата вечер беше посветена на ентузијастичката екипа која веќе десет години го свива своето гнездо во Куршумли-ан, неуморно ги толкува слоевите на кромидот низ синеастички вибрации и верува дека филмската уметност навистина може да го промени светот кон подобро.

На самото отварање беше забележано отсуството на починатиот професор Стефан Сидовски, кој неуморно ги следеше светлосните траги на филмското платно, а беше редовен гостин на „МакеДокс“ од неговото прво издание во 2010 година. Екипата на „МакеДокс“ со високо подигнат кромид во рацете упати и огромна благодарност до публиката, која од година во година сѐ почесто го исполнува Куршумли-ан до последното столче.

И синоќа, се бараше столче повеќе за проекцијата на документарецот „И сè стана песна“ на режисерот Шејмус Марфи кој ја следи приказната на музичарката и писателка Пи Џеј Харви и нејзиниот албум „The Hope Six“. Филмот, во еден дел, пренесува приказни од Македонија и Косово, но и од македонско-грчката граница за време на бегалската криза. Сите овие приказни, подоцна се преточуваат во песни, и се главна инспирација за албумот на познатата музичарка.

Претходно публиката имаше можност да го погледне филмот „Мизерикордија“, а до доцна во ноќта Куршумли-ан го исполнуваше звукот на музиката на Џон Периш и Марта Колика, со Џорџа Поли како специјална гостинка.

Почетокот на вториот ден на 10.МакеДокс го означи работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар, која од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам ќе биде фокусирана на филмската копродукција.

Вечерната програма ќе биде отворена со изложбата „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“, дванаесет портрети од Билјана Гарванлиева (1973-2016) и Мануел Цимер, направени со дигиталниот метод на т.н. „проширена реалност“. Портретите се тестамент на нивната љубов во време на прераната смрт на Билјана. Изложбата е поставена во Чифте амам.

На платото пред Куршумли-ан во 20.30 часот ќе се одржи светската премиера на документарецот „Тетовски самрак“ (Северна Македонија / Германија / 2019 / 65’), кој е последниот филм на Гарванлиева, а го доврши нејзиниот сопруг Цимер.

Со филмот „Ѕидот“ (Германска Демократска Република/ 1990/ 99’) на Јирген Бучер во Курчумли-ан, во 21 часот, ќе биде отворена програмата Земја во фокус – Германија. Станува збор за живописна приказна за Берлинскиот ѕид поставен среде градот, околу Постдамер плац и Бранденбуршката порта, а срушен од народот пред точно 30 години.

Во ноќниот термин ќе бидат прикажани краткиот документарец „Ќе го убиев Клаус Кински“ (Колумбија/ 2016/ 21’) на Спирос Статулопулос, а веднаш по него и „Го сретнав Горбачов“ (Германија, Велика Британија, САД/ 2018/ 90’) во режија на Вернер Херцог и Андре Сингер за поранешниот советски и руски политичар Михаил Горбачов.