Со перформанс пред министерство жените од Шуто Оризари побараа матичен гинеколог

Иницијативата на жени од Шуто Оризари со протестен перформанс пред Министерството за здравство побара конечно да се реши долгогодишниот проблемот со немањето матичен гинеколог во оваа општина. Истовремено тие побараа решение и за проблемот со нелегалните наплати за преглед, иако тој треба да е бесплатен за осигураните пациентки.

„Бараме министерството и Фондот конечно да најдат решение за нелегалните наплати. Со години наназад апелираме за проблемот што ги одвраќа најсиромашните жени да посетуваат гинеколог и да ја следат својата здравствена состојба. Со години наназад апелираме за трајно решение на гинеколог во Шуто Оризари, каде живеат повеќе од 8 илјади жени, а има нула матични гинеколози. И денес прашуваме, која е цената на нашето здравје? Потребно ли е мајки и новородени да да го изгубат својот живот за институциите да ги слушнат нашите барања и да преземат мерки за да го заштитат нашето здравје?“, запраша по перформансот Салија Бекирхали.

Перформансот ги отслика разговорите меѓу пациентките од Шуто Оризари и гинеколозите, односно патот до гинеколошка ординација во друга општина и прегледот што им се наплаќа, иако треба да е бесплатен.

Жените од Шуто Оризари алармираат дека гинеколозите кои е предвидено да доаѓаат еднаш во текот на неделата, во изминатиов период воопшто не доаѓале, а тоа ги спречува жителките во општината да вршат навремени и редовни консултации. Поради ова, поголемиот дел од жените најчесто се принудени да посетиваат гинеколошки ординации во Железара, Чаир, Топанско Поле и Битпазар.

„Јас сум веќе шести месец бремена, жена од самата заедница, и можам слободно да кажам дека заедницата долго време се соочува со истиот проблем, односно немањето на матичен гинеколог. Тоа претставува голем товар за жените, бидејќи поголемиот дел од населението живее од социјална парична помош и дополнително им претставува трошок да одат кај матичниот гинеколог во друга општина“, вели Метиј Асан од Иницијативата на жени на Шуто Оризари.

Писмото со нивните барања го доставија до министерот за здравство Никола Тодоров со кој остварија куса средба на која им било ветено дека веднаш ќе биде распишан конкурс за гинеколог во Шуто Оризари и Ново Село, а за мотивација гинеколозите ќе добијат 15 000 денари. За незаконската наплата пак, како што појаснија од Иницијативата, им било кажано дека е проблем во цела Македонија, за кој се уште немало конректно решение.