Со онлајн-предавање за дистрибуцијата на „Медена земја“ започнува „CINEIndustry“

Асоцијацијата на филмски дистрибутери на Македонија заедно со Фестивалот на европски филм „Синедејс“ од утре до 30 ноември го организираат дистрибутивниот маркет „CINEIndustry“. Маркетот ќе се одржи во хибридна форма – дел од програмата ќе оди во живо во Младинскиот културен центар, а дел – онлајн.

Во шесте дена, колку што ќе трае маркетот, ќе бидат организирани панел-дискусии, презентации, мастер-класови и пичинг-сесии. Ќе се дискутира за актуелните проблеми со кои се соочуваат дистрибутерите и ќе биде опфатен целиот дистрибутивен синџир, а ќе бидат претставени и најновите домашни филмски проекти во развој на потенцијално заинтересирани агенти за продажба и дистрибутери.

На тема „Успешната дистрибуција на филмот „Медена земја““, продуцентот Атанас Георгиев утре (25 ноември) во 15 часот ќе одржи онлајн-предавање за успехот на кинодистрибуцијата на најуспешниот документарен филм во Македонија. Настанот ќе биде пренесуван во живо на фејсбук-профилот на CINEIndustry Film Market, како и на фејсбук-профилот на Младинскиот културен центар од Скопје.

„Слушнете ги тајните за дистрибуцијата на „Медена земја“, документарецот што освои три награди на Санденс филм фестивал 2019 година и влезе во оскаровската историја, со тоа што стана првиот документарец номиниран за најдобар странски филм и документарен филм во иста година на наградите на Американската академија“, најавуваат организаторите.

На 26 ноември ќе следува панел-дискусија на тема „Кинодистрибуцијата на филмовите во време на глобална пандемија – проблеми и предизвици“. На дискусијата што ќе се одржи во 11 часот во Џебното кино во Младинскиот културен центар, ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

„Во услови кога целата филмска индустрија е во криза поради ситуацијата со Ковид-19, овој настан е важен зашто ќе придонесе на едно место да се слушнат мислењата за различните елементи што ја сочинуваат дистрибуцијата, нешто што речиси не се дискутира во изминатите неколку месеци. Се надеваме дека дискусијата ќе биде првиот чекор за конструктивни решенија за иднината на дистрибуцијата во земјава“, додаваат од „CINEIndustry“.

Следниот ден (петок) во 14 часот ќе следува презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија.

На 28 ноември во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. За време на пандемијата, „Синесквер“ беше домаќин и сè уште е домаќин на неколку онлајн-фестивали и онлајн-настани и филмски премиери.

На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба.