Со новите законски измени, дроновите ќе мораат да се осигуруваат   

Министерството за финансии изготвува нови законски измени со кои сопствениците на дронови ќе мора да ги осигураат беспилотните летала, за да се заштитат граѓаните доколку со нивното управување се предизвика некаква штета.

Имено, преку Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ќе се утврдуваат права за надомест на штети на сопствениците на багаж и ствари во воздушниот сообраќај, а притоа се уредува обврска за задолжително осигурување од одговорност за штета на воздухопловите без екипаж.

Ова е втора регулација во врска со дроновите, откако во декември 2017 беше донесена уредба која одредува кој, како и со која цел може да ги управува.

Летањето дрон од почетокот на годината стана професија, а секој поголем дрон со маса поголема од 500 грама и долет и висина над 15 метри се евидентира како безпилотен воздухоплов.

Слободно може да се лета само на спортски аеродроми. За сите останати летови, комерцијални и за сопствени, потребна е лиценца, која ќе ја издава Агенцијата за воздухопловство, но по претходна помината обука за пилоти во акредитиран центар и положен теоретски и практичен испит.