Со медиумска кампања ќе се мотивираат средношколците за стручно образование

Во Владата денес е потпишан Меморандум за соработка за заедничка медиумска кампања за промоција на стручните занимања и стручното образование, чија главна цел е јакнење на свеста за значењето на овој тип образование и занимања, како и нивна промоција кај младите луѓе и нивните родители.

Потписници на Меморандумот се министерствата за труд и социјална политика и за образование, Фондот за иновации и претставници на проекти кои се спроведуваат со поддршка на УНДП, УСАИД и Швајцарската агенција за соработка.

Министерката Мила Царовска потенцираше дека е задоволна со одличната реализација на мерките од Оперативниот план за поддршка на вработувањето во 2018 година.

„Во 2018 година имаме реализација од над 90% на мерките предвидени со Оперативниот план, што значи дека се одлично конципирани и осмислени. За 2019 година имаме рекордна 1 милијарда денари за преквалификација. Со тоа сметам дека ќе го подобриме недостигот на стручен кадар во Македонија. Исто така Законот за социјална заштита ќе биде само појдовна точка за намалување за сиромаштијата бидејќи само преку вработување се излегува од сиромаштија. Со социјалната реформа ќе се работи на активација на пазарот на труд на лицата кои се корисници на социјална помош, а се работоспособни“, додаде Царовска.

Според министерот за образование и наука, Арбр Адеми, најважниот факт поврзан со средното стручно образование е дека тоа обезбедува најголема веројатност веднаш по завршувањето на соодветниот степен на образование, поединецот да си обезбеди работен ангажман и да го материјализира знаењето.

„Потребата од стручен кадар е голема во моментов и во иднина таа уште повеќе ќе се зголемува. Ние во моментов навистина многу сме заложени и работиме да го унапредиме квалитетот на стручното образование и обука, но потребно е сите тие позитивни промени, можностите и придобивките кои произлегуваат од нив во текот на образовниот процес, но и по неговото завршување, да ги презентираме и да ги доближиме до младите и воопшто до граѓаните“, истакна Адеми.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, подвлече дека Швајцарија е добро позната по своето стручно образование и обука. Важна лекција што ја научиле, вели таа, е дека треба постојано да го подобруваме системот за стручно образование и обука, да се прилагодуваме на динамичната економија.

„Силно веруваме дека ангажирањето на приватниот сектор во стручното образование и обука е од витално значење и за производство на квалификувана работна сила и за приватни компании да бидат конкурентни на меѓународните пазари“, кажа Сутер.

„Со кампањата што ја промовираме денес даваме придонес кон менување на свеста и приоритетите, особено кај младите. Шансата да ја препознаат тука, во Македонија, преку стручно образование, а потоа и усовршување. Фондот веќе реализира ваква програма, со која се обезбедуваат до 1 милион денари за стручно усовршување во странство. Посебен, важен сегмент, останува поттик за развивање на свој бизнис, со развој и примена на нови технологии“, рече Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој.

Еден од потписниците на меморандумот е „Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем“, а во име на потписникот и американската амбасада се обрати директорката на програмската канцеларија на УСАИД, Ненси Годфри.

„Дел од решението за недостатокот на стручната работна сила е промоција на стручните занимања како прв избор. Со тие вештини младите можат да бидат и претприемачи. Да се биде стручен столар, механичар, заварувач или фризер, тоа претставува можност за самовработување или за отпочнување на мал бизнис. Истовремено, им овозможува на работниците да имаат поголема моќ во преговорите со работодавците, ако се одлучат за таква кариерна патека“, додаде Годфри.