Со „Јулие Цезар“ на Вилијам Шекспир почнува новиот репертоар на Битолскиот театар

Мотото „Ако ви е добро, тогаш ништо“ на познатиот српски медиум „Пешчаник“, годинава е мото и на Битолскиот народен театар од каде најавија нова сезона на претстави кои ќе се занимаваат со општествени ангажирани теми.

Првата претстава која ќе биде одиграна според новиот репертоар, а одобрена од Министерството за култура е „Јулие Цезар“ (Res publica или Cosa Nostra), од Вилијам Шекспир во режија и сценска адаптација на гостинот од Србија, Златко Паковиќ. 

Низ Битолскиот театар со години наназад се претставувале врвни театарски имиња од Македонија, но и од регионот. Оттаму најавуваат дека публиката годинава може да очекува дела режирани од најзначајните режисери на денешницата од регионот и пошироко.

„Не очекува возбудлива театарска година во која ќе се занимаваме со општествено или ако сакате дури и политички ангажиран театар кој се надеваме дека ќе биде жив, полетен, потентен, безкомпромисен, современ… Театарот не треба да биде место само за ефтина граѓанска забава, „конфорт зона” во која публиката ќе се чувствува „удобно” во меките седишта на салонот, туку место во кое ќе се преиспитува животот, каде ќе се поставуваат прашања, место во кое ниту актерите ниту публиката не се ослободени од општествено-социјалната одговорност“, велат од Битолскиот театар. 

До крајот на годината, ќе се претстават и Владимир Милчин, кој ќе ја работи „Змеј“ од Евгениј Шварц, Кокан Младеновиќ од Р. Србија кој ќе работи авторски проект со наслов „Но(е)ва Македонија“ и Итаи Дорон од Израел, кој ќе режира текст на еден од најзначајните израелски автори, Ханок Левин.

„Ве покануваме Вас драга наша публико, до крајот на годината да го исполните нашиот салон и да бидете директен учесник во создавањето на една подобра стварност“, порачуваат од театарот.