Со информирање до заштита – на што да внимаваат граѓаните при прошетка во заштитени подрачја

Дури шест закони опишуваат што сѐ е забрането во природата, меѓу кои е и Кривичниот законик. Законот за заштита на природата, пак, се однесува конкретно на заштитени подрачја. При тоа се идентификуваат преку 35 активности кои се забранети – од дивоградби, нелегално депонирање на отпад, па до криволов и нелегална сеча, посочуваат од здружението Натура МК по повод Светскиот ден за заштита на природата, 28 јули.

Државниот инспекторат за животна средина е институција која е задолжена за надзорот над спроведувањето на Законот за заштита на природата. Директорката Ана Петровска појаснува дека во заштитените подрачја се издвоени зони со различен степен на заштита: зона на строга заштита, активно управување и одржливо користење. Во секоја од овие зони, посочува таа, се утврдени забранети и дозволени активности.

„Инспекторите и ренџерите од заштитените подрачја се грижат да се спречи палење оган, што е забрането на целата територија на заштитените подрачја. Се контролира собирањето на растителни видови што не се заштитени и што е дозволено само во зоните за одржливо користење, а забрането е во зоните за строга заштита и активно управување. Ловот и риболовот е забранет на целата територија на заштитените подрачја. И покрај тоа што е дозволено движење со моторни возила во зоните за одржливо користење и активно управување, пожелно е граѓаните да пешачат или да возат велосипед за да се намали загадувањето и да се спречи вознемирување на дивиот свет“, вели Петровска.

Определбата на забранети и дозволени активности постои за да се зачува природата и да се насочат граѓаните кон паметно користење на природата, истакнуваат од Натура МК.

Националниот парк Маврово е едно од заштитените подрачја кое преку своите веб-страници (www.npmavrovo.org.mk и  www.npmavrovo.mk) им нуди информации на посетителите за можностите и правилата во паркот.

Оттаму соопштуваат дека поставиле информативни табли за спортски риболов долж реката Радика и Мавровското Езеро кои означуваат каде и како тоа е дозволено. Имаат и табли со појаснување за собирањето диви видови растенија и печурки во населените места од каде жителите се занимаваат со собирање, а има и информации за правилно одлагање на отпадот. Патеките во паркот, пак, се маркирани и достапни на официјалната веб-страница, појаснуваат надлежните.

„Досега не сме имале проблем некој да се загуби или да не ја следи патеката, а тоа е важно бидејќи патеките ги одбегнуваат строго-заштитените зони на паркот каде движењето е забрането. Ние имаме и инфо-центар во Маврови Анови каде секој посетител е добредојден во работното време да се информира за можностите и за правилата во паркот. Меѓутоа, иако странските граѓани се редовни посетители на инфо-центарот, бројот на домашни посетители кои влегуваат во инфо-центарот е премногу мал. Се надеваме дека интересот за информирање на домашните ќе се зголеми“, вели Самир Ајдини, директор на ЈУНП „Маврово“.

Националниот парк Маврово располага со 16 ренџери кои работат во две смени и чија задача е да го чуваат од бесправни активности.

„Тие при средба со посетителите и жителите на паркот, пред сè информираат и едуцираат за тоа што е дозволено. Меѓутоа, Паркот се протега на навистина голема површина и потребно е и посетителите да бидат свесни за важноста да се чува паркот“, додава Ајдини.

Ресурсите се богатство

Многу земји низ светот сè повеќе ја сфаќаат важноста на нејзиното зачувување, а во тоа улога имаат и граѓаните преку нивното учество и интеракција со природата, сметаат од Натура МК.

„Светскиот ден за заштита на природата е уште еден потсетник дека ресурсите со кои располагаме се наше богатство. Природата ни дава бројни користи: вода, почва, дрва, храна, па и задоволство, одмор и рекреација. За жал со некои од овие ресурси располагаме во ограничени количини“ вели Анела Ставревска – Панајотова од Натура МК.

„Сите граѓани имаат корист од природата, но некои граѓани се и зависни од неа, бидејќи за финансиски да опстанат се занимаваат со собирање на диви видови растенија и печурки“, додава таа.

Натура МК работи на проект за вклучување на јавноста во борба против нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја, како процес кој е потребен за да се воспостави паметно користење на природата и да се зачува природата. При тоа открива дека во голема мера ниту локалното население, ниту посетителите не се запознаени со тоа што е дозволено, а што забрането да се прави во заштитените подрачја.

Од здружението советуваат, при следна посета на заштитено подрачје, граѓаните да се информираат за заштитеното подрачје, првично преку официјалните интернет страници како на пример: www.galicica.org.mk, www.npmavrovo.org.mk, www.nppelister.mk или www.vevcani.mk. Национален парк Галичица дури има изработено и апликација за телефон со информативни содржини, посочуваат од Натура МК.

„Посетете го локалниот инфо центар и добијте информација директно од лицата надлежни за заштита на природата. Oднесувајте се паметно и со почит кон природата, односно не ја оштетувајте и не оставајте отпад. Доколку посведочите неправилност, обратете се до установата која управува со заштитеното подрачје и до Државниот инспекторат за животна средина“, советуваат од Натура МК.

Како значаен пример за историјата на Република Северна Македонија во однос на заштитата на природата е станувањето членка на УНЕСКО на 28 јуни 1993 год. При што, под заштита на организацијата кај нас е регионот на Охрид со неговите културни, историски и природни реткости, истакнуваат од здружението.

Првото заштитено подрачје во Република Северна Македонија е прогласено во 1948 година, а тоа е Национален парк „Пелистер“.

Во земјава има вкупно 81 заштитено подрачје, од кои како позначајни заштитени подрачја се издвојуваат четирите национални паркови: „Галичица“, „Маврово“, „Пелистер“ и „Шар Планина“ како најнов, a најбројни се спомениците на природа, дури 61, меѓу кои е и „Вевчански извори“.

Најголемо заштитено подрачје е Национален парк „Маврово“ кој се протега на површина од 72.204,1 ha или тоа е еквивалентно на 101.000 фудбалски игралишта.

„Споменикот на природата „Вевчански извори“ бележи најбурна историја поврзана со неговото назначување и борба на локалното население за негова заштита. Имено во 1987 година, локалното население се противело на каптирање на водата од изворите при што специјални полициски сили интервенирале и за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“, а својот статус на заштитено подрачје го добива за прв пат во 1999 година“, потсетуваат од Натура МК.

Национален парк „Галичица“, пак, има богата биолошка разновидност: неколку стотини видови кои се ретки или заштитени, а има и голем број кои ги има само во паркот, односно: 29 таксони алги, 12 видови васкуларни растенија, 68 таксони без‘рбетни и 4 таксони од ‘рбетни животни се среќаваат само во границите на паркот.

Национален парк „Шар Планина“ е најновото заштитено подрачје, прогласено на 30 јуни 2021 година.