Со холивудскиот хит „Куќата на Гучи“ почнува мартовската програма во Кинотека

Мартовската програма во Кинотеката започнуваат со холивудскиот хит „Куќа на Гучи“ (House of Gucci, 2021) на Ридли Скот со Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек, филм инспириран од вистинската приказна за семејното царство на италијанската модна куќа „Гучи“.

Во март, Кинотека му оддава почит на маестро Александар Џамбазов, со македонскиот игран филм „Мементо“ (1967) во режија на Димитрие Османли. Џамбазов е автор на „Рапсодија за Скопје“ – композиција за пијано и оркестар (1966) која е главна музичка тема во филмот.

На програмата е и новиот филм на Пол Ферхуфен, некогашниот култен автор на акционите научно-фантастични филмови „Робокап“ (RoboCop, 1987) и „Тотално отповикување“ (Total Recall, 1990), како и еротските трилери „Основен инстинкт“ (Basic Instinct, 1992) и „Шоу девојки“ (Showgirls, 1995). По враќањето во Европа, Ферхуфен направи неколку авторски поинакви филмови, а „Бенедета“ (Benedeta, 2021) е најновиот во неговата филмографија, во кој провоцира со неговото видување на геј-сексуалноста и митологијата.

Од 9 до 10 март Кинотеката веќе традиционално е домаќин на Вечерите на женски права, а на 13 март ќе биде одбележана 79-годишнина од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка со проекција на италијанскиот филм „Ѕвездено небо над римското гето“ (Un cielo stellato sopra il ghetto di Roma / A Starry Sky Above the Roman Ghetto, 2020) на Џулио Базе.

Кон средината на март на кинотечната програма се враќа рубриката „Уредник со причина“, во која овој пат филмови бира Илина Арсова. Таа е и академска сликарка која ја користи уметноста за да ги претстави загадувачките навики и човековите интервенции врз природата. Преку својот визуелен креативен израз се обидува да ја подигне еколошката свест кај своите сограѓани. Последнава деценија и пол Арсова е една од македонските најдобри алпинистки, засега единствена која ги има искачено највисоките планински врвови на 7 континенти, меѓу кои и Мон Блан и Монт Еверест.

Договарајќи го нејзиниот избор на филмови, Арсова го потенцираше македонскиот игран филм „Делфина“ (1977) на Александар Ѓурчинов како наслов со кој се поистоветува секогаш кога ѝ е тешко и кога патот до целта е долг.

„Заради ‘Плажата’ на Дени Бојл ги открив далечните дестинации и патував речиси низ целиот свет, а со ‘Мои песни, мои соништа’ на Роберт Вајс пораснав и уште тогаш се вљубив во алпскиот планински пејзаж“, вели Арсова.

Како вовед во нејзиниот уреднички избор ќе бидат прикажани и и неколку кратки документарни филмови од серијалот „THIS IS HERSTORY (2019), во режија на Игор Христов, чиј продуцент е самата Арсова. Овие неколку приказни за жени алпинистки и спортистки, вљубени во движењето, планините и природата, учествувал на 20-тина меѓународни фестивали и има добиено 4 награди.

Покрај ова, во мартовската програма има и неколку наслови од поновата европска филмска продукција, во која има филмови и за помладите, потоа насловите од Неделата на франкофонски филмови и редовната проекција на филм по избор на Гете-Институтот во Скопје.