Со гужва и под маски започна вселувањето во студентските домови

По пауза од седум месеци, студентите од денеска се враќаат во студентските домови, откако беше дозволено нивно отворање во услови на пандемија, под посебни протоколи.

Во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје,  во подолга редица, збиени еден до друг, студентите од кои најголем дел носеа маски, чекаа влез за вселување. Задоволни што повторно се отворија студентските домови, повеќемина од нив само кусо прокоментираа дека ќе ги почитуваат новите протоколи за живот во домот.

„Полесно е во студентски, отколку да се патува“, вели за Радио МОФ, еден од идните станари во домот, инаку студент на универзитетот „Мајка Тереза“ кој наставата мора да ја следи во предавалните на факултетот.

Директорот на домот, Демир Хамити потврди дека вселувањето тече без проблеми. Додава дека вработените од домот контролираат дали се почитуваат протоколите, а благодарение на донација, домот има доволно средства за дезинфекција. Појаснува дека скоро целосно се подготвени за работа според новите протоколи кои го преполовија бројот на студенти. Така, во „Пелагонија“ , во собите за четворица, сега ќе бидат сместени по двајца студенти.

„Единствено, треба да се набават хартиените или најлонски чаршави за една употреба, за во мензата. Уште тоа ни остана, другото е завршено“, вели Хамити и додава дека допрва ќе треба да се соочуваат со идните предизвици кои ќе следат, по отворањето на домовите во пандемија.

Во студентскиот дом „Пелагонија“ со новите протоколи има место за 498 студенти. Во сите студентски домови во Скопје пак можат да се сместат вкупно 1694 студенти. Сепак, капацитетите не се исполнети, па според податоците од Министерството за образование и наука, во главниот град слободни остануваат 466 места.

Најмалку слободни места се останати во домот во Битола, само шест. Во Прилеп има место за уште 32 студенти, во Штип за 38.

Охридскиот студентски дом „Никола Карев“ со протоколот доби дозвола за сместување на 160 студенти, но половина од леглата останаа празни. И таму, по повеќемесечна пауза, дојдоа новите станари. Меѓу студентите кои ги носеа личните работи во просториите на домот, беше и младата Бисера Филиповска од Кичево која оваа година почнува да студира Гастрономија на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) во Охрид.

Филиповска не влегува за првпат во просториите на некој од студентските домови.

„Претходно студирав во Скопје, на Филозофскиот факултет, пред малку дипломирав и ова ми е втор факултет. И ова ми е веќе пет годишно искуство во студентски. Две години бев во „Стив Наумов“ во Автокоманда и две години „Пелагонија“ во Кисела Вода“, вели таа за Радио МОФ.

Студентката вели дека најверојатно ќе биде сместена сама, но се уште не е сигурна.

„Се ќе биде со рестрикции, и на факултет ќе бидеме со маска, требаше да бидеме онлајн, но сега ќе бидеме со физичко присуство. Ќе има и дезинфекција, во мензите мислам дека ќе биде на една маса по двајца да седиме, претходно беше со 4-5 души што можат да седат“, вели Филиповска.

Со протоколите наложени од Владата, домот оваа година овозможуваше легло за 160 студенти, но бројката од осумдесетина студенти укажува на тоа дека капацитетот е речиси двојно преполовен.

Една од причините за тоа, Жарко Куциноски директорот на домот, ја гледа во тоа што студентите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ годинава наставата ќе ја одржуваат во целост онлајн, поради тоа што универзитетот не располагал со просторни услови за одржување на настава со физичко присуство.

Меѓутоа, Куциноски објаснува дека во домот може да се пополни некое место плус, доколку поголем број на средношколци се пријават во средношколскиот училишен интернат, односно како што додава тој, според информацијата на МОН, дел од нив може да бидат сместени во студентскиот дом.

Сите станари, како што тврди директорот, ќе бидат запознаени со протоколите до кои ќе мора да се придржува, со цел да не се појави некој случај на коронавирус. Во домот со којшто тој раководи, нема двокреветни туку само три креветни соби во кои ќе се сместуваат најмногу двајца студенти. Во однос на просторните услови, тој потенцира дека нема никаков проблем.

„Меѓутоа, проблемите секогаш се јавуваат во финансискиот дел, односно, набавката на дезинфекционите средства, хартиени чаршави што треба да имаат масите, корпи кои што треба со педала да има во студентскиот дом, кои што треба да се користат за фрлање на маски, ракавици. Околу дезинфекционите средства, можам да напоменам дека Владата ни обезбеди дезинфекциони средства, преку донација, и веќе во среда ние ќе можеме да добиеме и дезинфекциони средства и гелови кои што ќе ги користат за дезинфекција самите студенти“, вели тој.

Седумдесетина реакции за Конкурсот стигнале до МОН

Од МОН појаснуваат дека сите студенти што ќе следат комбнирана или настава со физичко присуство, согласно листата која на нивно барање им била доставена од факултетите, ќе бидат сместени во студентски дом. Ако за некој нема место во домот, што не е случај во моментов, а ги исполнува условите, е најавена месечна финансиска поддршка за превоз или сместување.

„Студентите кои студираат на факултети кои се изјасниле за целосна онлајн настава се примени во студентските домови, но не можат да бидат сместени се додека не се сменат условите односно наставата на нивните факултети да се промени во настава со физичко присуство. Ако студентот е примен во дом и треба да следи настава со физичко присуство на факултет, а во домот нема место според Протоколот, тогаш на студентот му се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување или превоз до местото на живеење“, појаснуваат од МОН.

Објавувањето на резултатите за место во студентските домови, на првиот ден од академската година,  студентите ги дочекаа со олеснување. По првичните проблеми со паѓање на сајтот на Министерството, дојдоа до листите. Но дел од нив коментираа дека ги нема во списоците, ниту на примени, ниту на одбиени. Од МОН велат дека до нив, по електронска пошта пристигнале седумдесетина реакции од одбиените студенти, студенти кои сакаат да се сместат во друг дом, студенти кои се со онлајн настава на факултет, а сакаат да бидат сместени во дом или пак имале нецелосна документација.

„Сите се контактирани од страна на вработените од Секторот за ученички и студентски стандард при МОН, и имаат право на приговор во рок од три дена од објавување на резултатите од Конкурсот. По поднесените приговори Комисиите за прием на студенти ќе ги вратат спорните пријави на повторно разгледување и одлучување. МОН во оваа академска година и специфични услови за работа и живеење ќе им излезе во пресрет на сите студенти“, додаваат од МОН.

Што носат новите протоколи за работа на студентските домови

Секој студент при движење во домот и заедничките простории на домот мора задолжително да носи заштитна опрема, маска и ракавици. Користење на лифтовите во студентските домови е дозволено за само едно лице и неговите лични работи. Пред влез во домот мора да се дезинфицираат чевлите, рацете, но и  куферите.

Ова се само дел од правилата со кои ќе се живее во студентските домови, а кои се наведени во протоколите со кои се дозволи нивно отворање. Маските и ракавиците се задолжителни и за вработените во домот, а забранети се собирања во заедничките простории од каде мора да се отстранат сите маси, столици, фотељи, но и да се води засилена контрола од страна на портирската служба и вработените за да се оневозможи групирање на студенти.

Во заедничките простории на студентските домови сега е задолжително да има функционална корпа за отпадоци со капак, која ќе се отвара со ножна педала. Протоколот уште предвидува и секојдневно проветрување на заедничките простории, и задолжително чистење и дезинфекција на заедничките простории, двапати на ден.

И санитарните јазли ќе работат по нов протокол. Па така, оваа учебна година задолжително ќе мора да има течен сапун, топла вода, корпа за отпадоци со капак на ножна педала и хартиени бришачи за раце за еднократна употреба како и диспанзер со средства за дезинфекција за раце, на база на 70% алкохол или препорачано вируцидно средство за дезинфекција. Задолжително е носење маска при користење на заедничките санитарни јазли, кои исто така ќе мора да се дезинфицираат детално двапати на ден.

Протоколот за работа на студентската менза и кујната пак предвидува вработените задолжително да носат маски, ракавици и заштитна облека, да одржуваат зачестена хигиена на раце и да не се групираат.
Притоа мора да се одржува безбедно растојание додека се јаде оброкот,  а на една маса за 4 особи, можат да седат максимум 2 лица. Протоколот предвидува масите да се покриени со хартиен или најлонски чаршаф за една употреба, при што ќе се врши промена по заминувањето на секој еден студент. Мора да има средство за дезинфекција на секоја маса, а по завршување на оброкот ќе се дезинфицираат и масите и столчињата.

Ако некој вработен заболи од акутна респираторна инфекција, мора да остане дома. Ако пак има Ковид 19,  мора веднаш да го извести претпоставениот, кој пак го известува регионалниот центар за јавно здравје.
Доколку вработениот бил во контакт со лице кое што покажало знаци на акутна респираторна инфекција, треба да ја следи својата здравствена состојба 14 дена, и доколку развие симптоми да се јави на матичен лекар и да го извести претпоставениот.

Доколку студент заболи со треска или со акутна респираторна инфекција, треба да остане во изолација во својата соба, да носи маска, да употребува само одредени тоалети и мијалници и тушеви. Управникот на ученичкиот дом, каде што престојува студентот мора да се јави во најблискиот здравствен дом, за спроведување на епидемиолошка анализа и идентификување на блиски контакти. Во протоколот уште стои и дека просториите каде што се движел ученик заболен со Ковид 19 мора темелно да се исчистат, дезинфицираат и проветрат.

Јасмина Јакимова / Мартин Колоски