Со дополнителни столпчиња покрај улиците ќе се штитат скопските пешаци и велосипедисти

Јавното претпријатие „Улици и патишта“ поставува 4.000 столпчиња по тротоарите на булеварите во Скопје, со цел да се зголеми безбедноста на пешаците и на велосипедистите.

Според претпријатието, од ноември досега се поставени 2.000, а до крајот на годинава би се поставиле уште толку.

„Во првиот бран од акцијата сконцентрирани сме на ‘Партизански одреди‘ и делови од централното градско подрачје. Акцијата, во периодов што следи ќе продолжи интензивно“, најавуваат од „Улици и патишта“, појаснувајќи дека сега столпчињата ги поставуваат побавно, бидејќи екипите моментално располагаат со една машина, па чекаат наскоро набавка на уште две машини за ископите за монтирање на столпчиња.

Досега, столпчиња се поставени на булеварите „Метрополит Теодосиј Гологанов“, „Св. Климент Орхидски“, „Партизански одреди“, „Кузман Јосифовски Питу“, но и на улиците „Димитрие Чупоски“ и „11 Октомври“. Исто така, на некои локации се поставени и т.н. „островчиња“.

Инаку, освен столпчињата, надлежните досега не најдоа друг механизам за справување со несоодветно паркираните автобили, кои постојано ги узурпираат тротоарите и велосипедските патеки. Со стотиците возила на сопственици „кои се враќаат за 5 минути“, Скопје се повеќе функционира како еден огромен паркинг. Дополнително со проширени улици, нецелосно уредена велосипедска структура и без повеќе јавни транспорни алтернативи,  градот се уште претставува монопол за моторизирани возила.