Словенечки пратеник поднесе оставка поради „кражба“ на сендвич

Словенечкиот пратеник Дариј Крајчич од владејачката партија Листа на Маријан Шарец поднесе оставка откако во Парламентот раскажал дека украл сендвич.

Фото: ЛМШ

Нов во политиката, 54-годишниот Крајчич за време на седница раскажал дека на паузата за ручек заминал да си купи сендвич, но се изнервирал откако вработените си правеле муабет меѓу себе и не му посветиле внимание. Па, решил да го „тестира“ системот за обезбедување, така што излегол без да плати. Сепак, пратеникот се вратил и платил за сендвичот.

Првично, неговата приказна предизвика смеа меѓу неговите колеги-пратеници. Но, подоцна, лидерот на парламентарната група на ЛМШ, Бране Голубовиќ, ја оцени постапката на Крајчич како неприфатлива. Тој рече дека пратеникот се покајал и извинил.