Словачка донираше полнач за електрични возила за истражувања на студентите на ФЕИТ

Република Словачка донираше полнач за електрични возила на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

„Овој полнач за електрични возила е добиен во рамки на проектот „Greener Mobility“ и има моќност од 2×22 кw. Полначот е наменет за истражувања на Факултетот и обука на студентите од електроника и електроенергетските насоки“, изјави продеканот за наука и меѓународна соработка на ФЕИТ, професор д-р Владимир Димчев.

Донацијата ја предаде амбасадорот на Република Словачка во Северна Македонија, Хенрик Маркуш. Според него добро е, освен политичката поддршка, со Северна Македонија да се развива и економска соработка.

„Како амбасадор настојувам да развиеме и одлична соработка во економијата, како што е и оваа донација на полнач за електрични возила на Факултетот“, рече Маркуш при предавање на донацијата во дворот на ФЕИТ.

Донацијата е во склоп на проектот „Greener Mobility“ од Словачкиот фонд за предизвици, компонента на UNDP Slovakia partnership.

Од овој фонд се финансираат проекти со вредност меѓу 20 и 40 илјади евра во траење до една година. Во реализација на овој проект учествуваат компании од Словачка и јавна или приватна установа од Северна Македонија. Проектот се организира преку словачките фирми SEAK и MONTIN.