„Слоу фуд салон“ на 18 и 19 октомври

Под мотото „Храната е движење“, во хотелот „Александар палас“ во Скопје на 18 и 19 октомври ќе се одржи првото издание на „Слоу фуд салон“.

„Производителите ќе ги изложат своите автентични и висококвалитетни производи и ќе ги раскажат своите приказни на посетителите кои ќе имаат можност да се информираат, едуцираат и дегустираат од прва рака“, информираат од „Slow food Macedonia“, кои го организираат настанот со поддржувачите.

Организаторите потенцираат дека ќе бидат изложени производи со потекло од македонскиот агробиодиверзитет, производи од Арката на вкусови, македонските Слоу Фуд президиуми, традиционални преработки и органски производи.

„Свежи и преработени овошје и зеленчук, традиционални сирења, месни производи, вина од мали винарии, занаетчиски пива, дестилати…“, стои во најавата за „Слоу фуд салон“.

„Slow food Macedonia“ потенцира дека храната е енергија која секојдневно му е потребна на нашето тело. Таа е уживање на трпезата, култура што ги зближува луѓето.

„Во ерата на глобалната трговија храната е брутално сведена на ниво на стока за економска размена и е моќно оружје во рацете на големите индустрии.  Системот на храната денес станува значајно еколошко прашање за дискусија и акција. Храната е генератор на одржливиот развој на регионите и проверен извор на благосостојбата на производителите. Храната поттикнува промени во свеста кај консументите“, се вели во соопштението за настанот.