Скопскиот дрег колектив „Haus of Fauché“ и #FridaysForFuture на ENGAGE 2019

„Haus of Fauché“, првиот дрег колектив во Скопје и Никола Јовановски од македонското #FridaysForFuture се меѓу говорниците на осмото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам која ќе се одржи на 18 мај.

Со 10 говорници, 300 гости во публика и видео-пренос, ENGAGE и оваа година ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.

Haus of Fauché е првиот дрег колектив во Скопје, чија цел е забава и едукација низ уметноста. Иако сите членови на Haus of Fauché доаѓаат од различни средини и имаат многу различни стилови на дрег, нивната главна цел е да го прикажат под рефлектор сето она што општеството го смета како недостојно и непристојно. Покрај токсичната структура и традиционална позиција на моќ во општеството, успеваат да творат и да развијат револуционерна субкултура.

Никола Јовановски е студент во прва година на електро и волонтер што верува во променување на непријатна реалност. Вклучен е во активностите на FridaysForFuture, член на УО на Младите Можат. Најчесто својата борба ја изразува преку текстови или можеби бројки. Неговото животно мото е „Што е океан ако не збир од капки“, како водич во процесот на подобрување на опкружувањето. Климатската криза знае да биде апстрактна и со тоа тешко да се комуницира, но илјадници млади низ светот искрено ја сфаќаат итноста за справување со проблемот.

Регистрацијата за настанот е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на веб страницата на конференцијата engage.mk.

Во изминатите осум години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.

Овогодинешниот ENGAGE е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум. Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.