„Скопје стрит фестивал“ на 7 јуни на покривот на ГТЦ

Седмото издание на „Скопје стрит фестивал“ годинава ќе се одржи на 7 јуни, а овој пат се сели на покривот на ГТЦ.

„Зошто? – Затоа што го сакаме ГТЦ! Затоа што ГТЦ е истовремено е скромен и искрен. Скромен е, затоа што и покрај тоа што е објект кој се простира на најголема површина во градот Скопје сепак е речиси незабележлив. Искрен е, затоа што секогаш, и покрај својата големина, тој се прилагодува кон различните делови од градот. ГТЦ е отворен, пријатен и гостољубив. Внимава никого да не исплаши или да дискриминира“, најавуваат од фестивалот, користејќи ги зборовите на архитектот Никола Стрезовски.

Според организаторите, ова се вредности коишто се заеднички и за мисијата на фестивалот.

Најавен е мејн стејџ, графити стејџ и стрит бол стејџ. Meѓу изведувачите досега се најавени „Скопски грув“, „Плутос даутс“ и Џајковски со Лајн Д.

„Спремете ги наочарите за сонце, патиките за шизење и помогнете ни да го разбудиме заспаниот џин во урбаниот простор во Градот Скопје“, повиккуваат од тимот на Скопје стрит фестивал“.