„Skopje light art district“ ќе го обои главниот град од Чаршија до Парк

Четири дена, 25 уметници, групи и музичари на 18 локации, со своите изложби, перформанси и 3Д мапирања се најавени во склоп на второто издание на „Skopje light art district“, фестивал кој треба да го осветли и обои центарот на главниот град.

„Со почеток закажан за 20 часот на 29-ти мај во Куршумли Ан, од Старата скопска чаршија, преку кејот на Вардар, па сѐ до Градскиот Парк, следете ја патеката, придружете ни се и бидете дел од магијата на ‘Skopje light art District 2019’!“, стои во најавата за фестивалот.

Меѓу најавените уметници се Горан Казанковски, кој ќе се претстави во Парк на Франкофонија со „Во ноќта – Магија на шумата“, потоа Соња Поповска Трајковска со инсталацијата „Простор“ спроти „Кермес“, но и аргентинско-австриското дуо Циркус Луминесенц и Лео Бетинели со „Оумуа“ – инсталацијата именувана по првиот познат интерстеларен објект кој поминал низ Сончевиот систем.

Исто така, најавен е и театарот „Сенки и облаци“ со свој перформанс во сенки „Алиса и чудата“ во Скејт паркот, французинот Бертранд Гаден кој употребува видео проекции за да ја истражува фиктивната перцепција на сликата во јавни простори, потоа Курт Лауренц Тајнерт и Ема Попивода со „Визуелно пијано“ и „Акустична електроника“…

„Skopje light art district“ е прв меѓународен фестивал на светлосна уметност во Скопје, во организација на Универзална Сала, Град Скопје и ROCK проектот од програмата Horizon.