Скопјанката што напиша графит „Смрт за омразата, љубов за сите“ заврши со опомена од МВР

Гордана Пирковска Змијанац од Скопје, која избриша графит со говор на омраза за на него да напише „Смрт за омразата, љубов за сите“ и против неа беше покрената постапка, сега добила одговор од полицијата.

Таа преку социјалните мрежи вели дека до неа е стигнато Решение од МВР, Оддел за прекршоци, дека е одговорна за сторен прекршок по член 27 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

„Но, ми изрекле прекршочна санкција ‘опомена’ и ме задолжиле да платам административна казна од 210 денари на име трошоци на постапка“, пишува Пирковска Змијанац.

Според неа, тоа што завршила со опомена, на овој начин ќе се евидентира како личност која го прекршила законот, а во здраво општество, смета таа, вакви активности треба да се поддржуваат, а не санкционираат.

„Ви благодарам на сите кои ме поддржавте и на медиумите кои ја пренесоа мојата порака. Веднаш по објавувањето многумина се јавија дека доколку бидам казнета ќе ги покријат трошоците. За жал добивав и пораки со навреди а една беше и со закана по живот. Бев пријавена и на ФБ дека ширам говор на омраза и сакаа да го избришат постот. Како и да е, ќе продолжам и понатака да бришам графити со говор на омраза но нема да допишувам мирољубиви пораки и нема да пријавувам во полиција, нема да барам нивна помош“, соопшти Пирковска Змијанац.

Инаку, Пирковска Змијанац летово пораката „смрт за шиптарите“ на ѕид ја замени со „смрт за омразата“ и ,,љубов за сите“. Уште тогаш кажа дека идејата било да испрати мирољубива порака.