Системи со вештачка интелигенција научија меѓусебно да разговараат во тајност

Два системи со вештачка интелигенција на Гугл измислиле начин да разговараат со себе во тајност, спречувајќи трет систем да „ги шпионира“. Иако ова звучи како приказна од научно-фантастичен филм, всушност станува збор за големо откритие кое инженерите на Гугл го постигнаа со своите паметни машини.

Истражувачите Мартин Абади и Дејвид Андерсен од Google Brain побарале од две вештачки неврални мрежи, Алис и Боб, да користат тајни кодови за да споделат приватни информации меѓу себе, додека трета мрежа именувана Ив требало да ја прекине комуникацијата.

Комуникацијата била испланирана на тој начин што Алис испраќала пораки и до Боб и до Ив. Во првите 7000 пораки, Ив успеала да сфаќа исто колку и Боб, но подоцна, Алис и Боб научиле како да разговараат „во приватност“ побрзо, одошто Ив можела да научи да ги декодира пораките. На подолг рок, Боб можел да разбере сѐ што Алис му праќала, а Ив разбирала речиси само половина од тоа.

Во студија објавена на интернет, истражувачите објаснуваат дека на системите не им бил даден специфичен криптографски алгоритам за да комуницираат. Едноставно нашле начин да ја одржат својата комуникација тајна, основано само на единственото правило дадено од истражувачите – да се спречи пораките да ги дознае Ив.

Невралните мрежи продолжуваат да изненадуваат со нивниот уникатен пристап кон решавање на проблемите. Архитектурата на овие основни системи со вештачка интелигенција ја имитира невронската дистрибуција во животнскиот мозок, а научниците покажаа дека овој пристап создава машини со неверојатен потенцијал за учење и себенадргадување.

Невралните мрежи се истренирани за специфични задачи, а некои од нив стануваат исклучително добри во тоа што го прават. Пример за ова е AlphaGo системот на Гугл, кој стана светски шампион во древната кинеска игра го на почетокот на годинава.