Систем за изнајмување велосипеди – Идеи има, но дали ќе допрат до Град Скопје?

‘Рѓосани и со веќе избледени ознаки, пунктовите за изнајмување градски велосипеди низ Скопје стојат празни последниве три години. Системот кој требаше да го мотивира населението да го остави автомобилот и да се движи со велосипед брзо пропадна. Причините за тоа се посочуваат кон небрежноста на јавното претпријатие „Градски паркинг“ да го спроведe соодветно проектот, недостигот од доволно велосипеди, но и немањето соодветна инфраструктура за да се мотивираат луѓето воопшто да се качат на велосипед.

Празен пунк за изнајмување велосипед кај катна гаража „Македонска фаланга“

Град Скопје неодамна најави дека ќе го обнови јавниот систем за изнајмување на велосипеди. Оттаму за Радио МОФ информираат дека се работи на проекти со кои се предвидува поставување на 30 пунктови низ градот, опремени со терминал за самоизнајмување на велосипедите и 20 држачи за нив. За ова, Советот на Град Скопје одлучил да му додели субвенција на ЈСП-Скопје.

„Целта е да се овозможи непречено функционирање, продолжување, но пред се` унапредување  и модернизација на минатиот проект „Изнајми велосипед“ , а истиот се разликува од претходниот бидејќи целосно ќе се користи понапредна технологија на изнајмување на велосипеди, од аспект користење на модерен систем на наплата, велосипедите ќе имаат вградени ГПС локатори и др.“, велат од Град Скопје, нагласувајќи дека се` уште се разгледува од кои локации ќе може да се изнајмуваат велосипедите и какви ќе бидат тие.

Проектот „Изнајми велосипед“ во 2009 година го започнаа „Еко свест“ заедно со Глобалниот еколошки фонд, а по една година со меморандум за соработка се приклучи Град Скопје заедно со ЈП „Градски паркинг“. Јавното претпријатие имаше обврска да го раководи проектот заедно со невладиниот сектор наредните две години, по што Град Скопје целосно го презеде проектот. На почетокот, велосипедите се изнајмуваа од 5, а потоа од 7 пунктови по симболична цена од 10 денари на час.

Според градските власти, претходниот систем покажал неколку слабости, претежно во безбедноста. Најголемиот дел од велосипедите завршиле оштетени, а останатите украдени. Но, како негативност ја посочуваат и слабата распространетост.

Со новиот проект, велат тие, пунктовите ќе можат да се постават на локации во сите општини на градот, а нивната безбедност ќе биде зголемена поради ГПС-уредите кои ќе ги има на самите велосипеди.

Пропусти од кои Град Скопје треба да учи

Минатиот проект го раководеше ЈП „Градски паркинг“, а за функционирање на системот Град Скопје секоја година издвојуваше по 1 милион денари, информираат властите. Според Јулијана Даскалов, која учествуваше во осмислувањето и спроведувањето на системот во почетоците, тие средства не биле користени наменски.

„Само една година беше објавен тендер и се земаа велосипеди кои имаа три брзини, кои не се соодветни за изнајмување на велосипеди. Вие не може да им изнајмувате ‘брзинци’ на луѓе кои не знаат да менуваат, и тогаш тие менувачи се искршија и се заглавија. Тие велосипеди први се отпишаа, иако беа најнови“, се потсетува таа.

Според Даскалов, овие велосипеди треба да бидат целосно опремени и лесни за користење и одржување. Но, како што вели, најголемата грешка која се повторува е што нема сервис за нив. Велосипедите мора барем еднаш неделно да се сервисираат, забележа таа.

Во отсуство на средства, целиот систем го раководеле рачно.

„Кога ќе дојдеше човек требаше да потпише изјава со негови податоци и сериски број на велосипедот. Немаа проблем луѓето што изнајмуваа, туку оние кои ги изнајмуваа, оние што се платени за тоа. Бидејќи им беше многу администрација, решија кога ќе дојде некој да изнајми велосипед, само му го даваа. Во каква состојба е, дали го вратил со скршено седиште, дали со дупната гума, ништо не им значеше тоа на нив. Затоа и толку брзо пропаднаа велосипедите“, смета Даскалов.

Според неа, за да има добар систем за изнајмување на велосипеди, Градот мора да набави добри велосипеди, а тоа повлекува и повеќе пари. Исто така, напомена и на законската пречка поради која Град Скопје не може да става пунктови на места кои не се во негова ингеренција. Досега, Градот имаше ингеренции за „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Партизански одреди“ и булеварот во Аеродром.

„Ако сакаме ние да го развиваме системот, ќе треба сите локални градоначалници да потпишат меморандум со Градот дека отстапуваат одредени локации. Најголемиот проблем со којшто ние се соочивме е кога сакавме да ставиме одредени пунктови кои се под ингеренции на општините, тие се бунеа. Не може да има паралелни пунктови, бидејќи во тој случај, ако изнајмиш велосипед во Карпош кој го управува Општина Карпош не можеш да го вратиш во Аеродром, бидејќи таму управува Општина Аеродром. Градот треба да биде оној што управува со системот за изнајмување на велосипеди“, смета Даскалов.

Млади со идеи за подобар јавен систем

Милан Павловски се сеќава кога пред речиси три години, тој со уште некој другари  од колективот „Форплеј“ добиле идеја да отворат станица за изнајмување велосипеди, наменети за урбаните рекреативци и туристи. Инспирација им било токму нефункционирањето на градскиот систем. Посетувале саеми и праќале мејлови за да привлечат врвни брендови да дојдат во земјата, но кочница било тоа што немало официјални статистички податоци за тоа колку се вози велосипед.

„За почеток, не можевме да дојдеме до никакви статистики за да почнеме да ги убедуваме дека нашиот град е створен за тоа. Потоа, решивме самите да направиме физибилити студија за Град Скопје. Се споивме со момците на На Точак, кои ја поддржаа идејата, ни дадоа податоци што тие веќе ги имаа, односно каква инфраструктура имаме, што ни фали, што да се поправи, колку луѓе од 2014 до 2017 купиле точак“, објасни Павловски.

Но, на крај сфатиле дека им треба реална пилот верзија. Па така, ја отворија станицата која беше сместена во Дебар Маало, во склоп на тогашното кафуле Форплеј. Правилото било да се земе и да се врати велосипедот на истото место.

„За да ја направиме идејата, требаше целиот банкарски систем да не поддржи, односно мораше да се плаќа онлајн, да се става депозит на апликацијата за во случај да се оштети или украде точакот“, вели Павловски.

Купиле десет точаци, слични на сингапурскиот бренд oBike, кој е застапен во повеќе европски држави. Принципот по кој работи овој систем е преку апликација за телефон се лоцира и се изнајмува велосипедот, а покажува и колку корисникот извозел според ГПС.

Фото: Како изгледа велосипедот на колективот „Форплеј“

Павловски вели дека немале поголеми проблеми со оштетувања, ниту пак кражби на велосипедите.

„Кај нас принципот беше да мораш да платиш со картичка, не примавме кеш и во зависност од тоа ние ги имавме податоците. Се потпишуваш дека може да ги користиме твоите податоци доколку ти не се појавиш со велосипедот. На то начин половично бевме заштитени. Но, тоа е во случај кога мора да го земеш точакот од база, од Форплеј. Од нашето искуство, секој профил што го правиме е депозит во зависност од која фирма е. Ако ти го оставиш тој велосипед и дојдам јас како нареден купувач и пријавам дека тој пред мене ми го оставил со штета, го сликам и го праќа. Мене ми даваат плус бодови, односно бесплатно возење, а претходниот го санкционираат“, објасни тој.

Според нивната математика, за почеток на развивање градски систем за изнајмување велосипеди потребни се 600 парчиња распределени во три општини. Тие сакале да го започнат бизнисот во општините Карпош, Аеродром и Центар.

„Нашиот најголем проблем, и претходниот проблем на Град Скопје е тоа што воведоа 100 велосипеди. Со 100 велосипеди ти не можеш да го постигнеш тоа што сакаш да имплементираш, во културата, навиката на луѓето, да добиеш фидбек“, смета Павловски.

„Самата идеја си бара средства, кои нам ни беше идејата да ги земеме преку Фонд за иновации, или некоја слична организација“, посочи Павловски, иако во тоа не успеале.

Слична идеја, но со еколошки признак имаат и група студенти од Машинскиот факултет и нивниот професор. Тие лани го претставија проектот насловен „ГЕТ велосипед“ на кој работеле година ипол. Идејата, поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој, е развивање на градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри, паралелно намалувајќи го бројот на автомобили во градскиот сообраќај.

„Разликата помеѓу овој систем и некои други постоечки системи е во тоа што овој систем нуди воедна голема флексибилност и ниска цена за изведба. Корисниците би го изнајмиле велосипедот од станица за велосипеди или од локацијата на која ќе го „пронајдат“ велосипедот. Ова изнајмување за почеток се одвива со скенирање на картички со кои може да се отклучи велосипедот. Кога корисникот ќе го отклучи велосипедот, тој може да го вози до посакуваната дестинација. По завршувањето на употребата, корисникот го заклучува велосипедот, со што завршува возењето и наплатата на услугата. Тоа значи дека наплатата зависи од патот кој го изминал при возењето на велосипедот. Разликата помеѓу паркирање на велосипедот на станицата и на одредено растојание од неа, е во наплатата. Територијата на која се користи системот е поделена на неколку зони, поделени во однос на оддалеченост од станиците, во зависност од овие зони, се извршува различна наплата кај корисникот“, ни објаснија од „ГЕТ велосипед“ во претходно интервју.

Еден ваков велосипед би чинел околу 1200 евра кога би се продавал на поединечни корисници. Сепак, нивниот фокус е овие велосипеди да се имплементираат во градски систем за изнајмување. Тие смислија и дизајн кој нуди максимална заштита од оштетувања.

„Значаен проблем кој се појави со обичните туристички велосипеди е кражбата. Овој проблем ние го решаваме со активно следење на локацијата на велосипедите преку наведениот ГПС, а дополнително на тоа секој велосипед е враден со аларм, кој се активира при негово поместување кога истиот е заклучен. Нефункционалноста со станиците за изнајмување кое се јавува кај системи како оној во Мадрид, покрај подобрувањата во дизајнот и конструкцијата на станиците, се решава и со воведувањето на зоните, односно корисникот не би трпел последици доколку велосипедот не може да го постави на самата станица. Секако ќе постои и начин за активно пријавување, следење и решавање на проблемите“, најавуваа тогаш.

Тие се уште се во потрага по инвеститори, но паралелно се обидуваат да ги убедат локалните власти за значењето на нивната идеја.

Неопходни се услови за да има добар систем 

Целта на колективот Форплеј е да има што повеќе велосипеди на располагање. Според Павловски, треба да има развиена мрежа за да се исплати тој систем.

„Идејата е кога ќе се симнеш пред зграда, наместо да одбереш колата, да си имаш точак што ќе те чека. Ти на апликација цело време гледаш кај се оставени и можеш да си испланираш“, вели Павловски.

„Ние може да пробаме да ставиме 100 точаци во 5 општини и никогаш да не се извозат ни 10 точаци од нив. А ако ставиме 1000 точаци ќе се извозат дневно по 250-300 и ќе стане навика“, додава тој.

Негова желба е овој систем да биде направен од човек со искуство, а велосипедите да се минимум од четвртата генерација, што значи изнајмувањето да не биде ограничено со пунктови, туку велосипедите да се достапни низ целиот град.

Сега излегува и петта генерација на велосипеди, нагласи тој. Тоа се електричните тротинети и велосипеди. Тие се се голема конкуренција, па во повеќе градови низ Европа старите велосипеди ги заменуваат со електрични.

„Во 2019 е срамота да се вози дизел кола. Скроз е друго гледиштето кога ќе отидеш негде со точак. Ние ја почнавме таа пропаганда, без разлика што е еколошко, немаш трошење средства, не плаќаш паркинг и чини малку. Цената треба да е помала од јавниот транспорт“, посочи Павловски.

Нивното искуство со изнајмување велосипеди покажало дека промената на навиките е воможна.

„Позитивното искуство е што се враќале луѓе пресреќни, кои никогаш порано не возеле точак, затоа што десет години точакот им е во гаража бидејќи му се дупнати гумите и ги мрзи да го напумпаат. Доаѓаат, возат и после месец дена истиот човек го гледаш си купил точак и си го натерал да мисли на нешто поразлично“, се радува Павловски.

Фото: На Точак

Тој и Даскалов се согласуваат дека Град Скопје е одличен за возење велосипед, бидејќи над 90 отсто од површината е рамна.

Таа предложила да се поттикне и бизнис секторот да инвестира во системот.

„Град Скопје да им даде на компании да ги брендираат пунктовите – да ги набават велосипедите. Фирмите беа заинтересирани тоа да го направат, бидејќи за нив тоа е најевтината реклама. Ако еден билборд нив ги чини 4-5 илјади евра, за тие можеа да набават велосипеди без проблеми“, образложи Даскалов.

Покрај ова, таа потсети на идејата средствата од паркинзите за возила да се пренаменат за одржување на системот за велосипеди.

„Мене она што ме плаши е тоа што немаме на хартија напишано фаза по фаза како ќе се развива, затоа што кога имавме напишано , Градот Скопје не ја следеше, затоа што немаа интерес, немаа профит од тоа, затоа системот пропадна“, вели Даскалов.

Но, проблемите со системот за изнајмување велосипеди е само мал дел од целокупниот проблем со велосипедскиот сообраќај во градот, но и во државата. Ако сакаме велосипедот да е примарно средство за транспорт, вели Даскалов, тогаш мора велосипедските патеки да се ослободат од автомобили и пешаци. Таа предлага стеснување на коловозите за поголем простор за велосипедистите.

„Мора на велосипедистите да им обезбедат брзо да се движат, а не да застануваат, да чекаат, да свиркаат. Тоа е култура која мораше да се изгради со првиот систем, затоа што ние направивме инфраструктура, ги одбележавме патеките и од таму да тргне целото мнение за тоа што значи велосипед и како можете да го возите, за да биде примарно нешто за идните генерации да учат, а ние тој дел исто така го промашивме. Што направивме? Ништо не направивм. Обележавме, инвестиравме, потрошивме еден куп време, зборувавме многу и после тоа пропадна системот“, вели разочарано Даскалов.

Токму за овие проблеми веќе седум години неуморно зборува иницијативата На Точак. Тие уште од 2014 година го бараат автоматизираниот систем за изнајмување велосипеди кои сега се најавува. Покрај ова, преку Критичните маси се борат за подобри инфраструктурни услови и едноставно градовите да станат вело-пријателски.

Бараат да се донесе Правилникот за проектирање велосипедска инфраструктура кој е во процедура. Според нив, треба да се посвети поголемо внимание на неговото изготвување и да се донесе поскоро бидејќи како што велат, во меѓувреме се проектираат субстандардни патеки, особено во другите градови.

„Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат План за одржлива мобилност и тие планови да бидат со реални мерки и обврски, а не само приказни. Изработка на стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување“, предлагаат од На Точак.

Град Скопје на крајот од март го претстави Нацрт – планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај кој треба да важи во наредните две години. Граѓаните беа повикани да дадат забелешки.

Главни цели на овој план за унапредување на велосипедскиот сообраќај се: до 2021 година 5% од вкупниот број на патувања ќе бидат реализирани со велосипед и да има нула загинати велосипедисти до 2021 година.

Но, само пред два дена билтенот на МВР регистрираше случај во кој еден велосипедист бил тешко повреден, а други шест лица се полесно повредени во 19 сообраќајни несреќи што се случиле во Скопје и околината.

„Помина времето на апелирање да се зголеми свеста. Свеста ја има кај доволен број граѓани. Условите ги нема. Институциите имаат многу помоќни алатки во свои раце од тоа да повикуваат само на зголемена свест и на лична одговорност, кога грешите и недостатоците се и системски. Тие преку своите реални приоритети, правилници, планови, проекти, правила и нивно спроведување, како и преку инфраструктурни промени треба да создадат една нова свест и кај мнозинството“, нагласија од На Точак.

Емилија Петреска