Синот на Трамп ги спореди сириските бегалци со отровни бонбони

Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на републиканскиот кандидат на американските претседателски избори, предизвика силни реакции на социјалните мрежи откако ги спореди сириските бегалци со овошните бонбони „Skittles“

Тој на Твитер постави слика од длабок сад полн со бонбони и порака „доколку ви кажам дека само три од нив ќе ве убијат, дали би зеле грст?“ и во продолжение – „тоа е нашиот сириски бегалски проблем“.

tramp-junior-tviter-begalci

Твитот на Трамп Јуниор кој за 12 часа имаа скоро 10 илјади ретвити и 14 илјади лајкови

Врз оваа слика Трамп Јуниор, сугерирајќи дека САД не смее да прима бегалци, напишал „Сликата кажува сè. Ајде да ја прекине агендата на политичка коректност која не ја става Америка на првото место“.

Оваа аналогија со бонбоните е користена и претходно со порака за тежината на изборот од група во која има мал број на лоши луѓе.

На неговиот твит реагираше и компанијата која ги произведува бонбоните, Wrigley.

„Skittles се бонбони. Бегалците се луѓе. Сметаме дека ова не е соодветна аналогија. Со почит ќе се оградиме од понатамошни коментари бидејќи се што ќе кажеме може да биде погрешно сфатено како маркетинг“, изјавила Денис Јанг, заменик-претседател за односи со јавност на компанијата.

До сега нема реакции од кампањите на главните претседателски кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон, пишува ББЦ.

Сепак, ставот на Трамп Јуниор ги разлути корисниците на социјални мрежи. Тие на своите твитер профили поставуваа слики од сириските бегалци со порака „не е бонбона“.

tramp-junior-tviter-begalci-2

tramp-junior-tviter-begalci-3

Многу од корисниците ја исмеваа оваа споредба истакнувајќи ги маките низ кои поминуваат сириските бегалци зафатени во граѓанската војна во нивната земја.

Некои медиуми објавија официјални американски статистички податоци, кои покажуваат дека поголеми во САД поголеми се шансите човек да умре задушувајќи се со бонбона (шанса 1 на 3.408 за смрт од задушување со храна), отколку да биде убиен од бегалец во терористички напад (шанса 1 на 3.609.709).

Новинарот од Вашингтон Пост, Филип Бумп направил брза математика околу ставот на Доналд Трамп Јуниор заснована на овие бројки. Според таа статистика би бил потребен еден и пол олимписки базен за пливање полн со бонбони за да се најдат три убијци.

Подржувачите на Трамп и коментаторите од десницата ја поздравија оваа порака од неговиот син и ги нападнаа онлајн критиките, повикувајќи се на последните напади во САД.