Синоќа беше отворен 39. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола

На црвениот килим, синоќа пред Центарот за култура во Битола, заедно со битолската публика продефилираа оскаровецот Роџер Дикинс и актерската дива Клаудија Кардинале. Битола беше центар на филмскиот свет.

Перформансот, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, на отворањето, годинава помина во знакот на магијата на филмот и беше посветен на мотото на фестивалот „Симнуваме капа“. Актерката Јелена Јованова потоа ја презеде водителската улога  и ги презентираше наградите.

Полната сала во Центарот за култура, со стоечки аплаузи ги поздрави годинашните лауреати меѓу кои и македонската актерка Милица Стојанова која е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.

Гена Теодосиевска, директор на ИФФК „Браќа Манаки“ прва ги поздрави присутните љубители на филмската уметност.

„Воопшто не е лесно вечерва да се стои пред вас кои работите на филмот, не е лесно и да се биде директор на овој Фестивал бидејќи зад мене стојат оние кои го трасирале патот на овој фестивал. Секако дека резултатот што следи оваа година се деведесет и пет наслови во 14 програми, резултат создаван 39 години,“ рече Теодосиевска.

Таа се заблагодари на Друштвото на филмските работници на Македонија, на Агенцијата за филм на РМ и на сите филмаџии кои ги отстапија своите филмови да бидат дел од нашата програма.

„Велат филмот треба да им припаѓа на сите. И јас така сакам тоа да биде. Но, велат и дека знаењето ќе го спаси светот.  Не го велам тоа туку-така, бидејќи мислам дека досега овде не доведе, до ова 39. Издание, нечие предзнаење и затоа мислам дека ние од 30-то издание натаму ќе го направиме уште поголемо тоа знаење“, истакна директорката Теодосиевска.

 

На отворањето му беше врачена наградата на добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, скромниот маг со камерата Роџер Дикинс.

„Кога стојам овде пред вас се чувствувам дека сум на погрешната страна од камерата. Повеќе би сакал да бидам зад неа. Мислам дека Фестивалот трае исто толку години колку што јас снимам филмови. Многу ми е драго што сум дел од оваа историја затоа што познавам многу луѓе што предтходно биле тука, но јас досега немав можност да дојдам. Пресреќен сум што станувам дел од оваа историја“, рече Дикинс

На Клаудија Кардинале, пак наградата „Специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност и’ ја врачи министерот за култура, Асаф Адеми.

Таа во кусото обраќање се заблагодари на наградата, ја нарече прекрасна и се заблагодари на Фестивалот што и’ ја додели наградата.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ и беше врачена на македонската актерка Милица Стојанова што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, наградата и’ ја врачи Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.

„Оваа награда многу ми значи затоа што се разликува играта пред камера од театарот, но таа е еднаква по уметничкиот предизвик. Им благодарам на сите филмски режисери и телевизиски режисери ко  ми пружија можност да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите“, рече Стојанова.

Претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивал со телеграма им честиташе на сите добитници на наградите од светот на филмот, а на филмофилите им посака исполнет престој во Битола и незаборавни мигови пред филмското платно.

По свеченоста на доделување на наградите, присутните имаа можност да ја види светскста и македонска премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов – Изи, а потоа филмската екипа: Томи Салковски, Дејан Димески, Наталија Теодосиева, Сашо Петровски, Марија Апчевска се поклони пред публиката.

Во чест на лауреатот на Златна камера 300, кинематограферот Роџер Дикинс, филм за отворање беше „Истребувач 2049“ за кој то го доби Оскарот за најдобра камера.