„Синедејс“: Мастерклас со Стив Абот, продуцентот на „Монти Пајтон“

На денешната програма на фестивалот „Синедејс“, гала премиера ќе има „Синоними“ на Надав Лапид, од „Сине Балкан“ ќе се прикажува „Последниот Србин во Хрватска“ на Предраг Лицина, а од придружните програми ќе се одржи мастерклас со Стив Абот, продуцентот на „Монти Пајтон“. Вечерта ќе заврши со концерт на Роџер Ено. Покрај ова, во склоп на фестивалскиот репертоар ќе се прикажуваат и кратки македонски филмови.

Во продолжение, целата програма за денес на „Синедејс“:

  • КИНО МИЛЕНИУМ

20:00 СИНОНИМИ

*ГАЛА премиера

режија: Надав Лапид

Јоав не наидува баш на најдобар почеток во Париз. Тропа на вратата од еден стан, но открива дека е празен и, додека се капе таму, му ги крадат работите. Меѓутоа, овој млад Израелец е дојден со огромни очекувања. Решен е што поскоро да се ослободи од неговата националност. За него, тоа што е Израелец е како тумор што мора хируршки да се отстрани. Спасот го гледа во тоа да стане Французин. Со цел да го избрише потеклото, Јоав најпрво се обидува да го замени јазикот. Отсега па натаму, нема да изговори ниту збор на еврејски. Речникот станува негов постојан придружник. Задолжителните посети на Израелската амбасада го вознемируваат, неговите сограѓани ги гледа како товар. Но тестот за натурализација има и негативни страни. И младиот француски пар со кој се спријателува има доста чудни идеи за тоа како да му помогне.

22:30 ПОСЛЕДНИОТ СРБИН ВО ХРВАТСКА

*СинеБалкан*

режија: Предраг Лицина

Хрватска, седум години по банкротот. Во светот се води борба – водата вреди повеќе од нафта. Со цел да дојдат до неа, моќниците се спремни на војни, освојување, уништување, па дури и ширење зомби вирус. Мичо, бонвиван од Загреб, чија секојдневна рутина се состои од одење по масажи, ресторани и кина, каде што гледа филмски серијал во кој глуми неговата омилена актерка Франка Аниќ, зомби епидемијата ќе го затекне сосема неспремен. Но сеедно, тој храбро тргнува во одисеја, во друштво на неговата филмска хероина, со една единствена, но тешко остварлива цел: да преживее.

15:00 ПИЈАВИЦИ

*реприза*

режија: Драган Маринковиќ

Филмот опфаќа периодот меѓу 1996 и 2000 година, односно четири од десетината ужасни години за Србија на крајот на дваесеттиот век. Главниот лик е писателот Петар Мириќ, човек чиишто идеали за слобода, чесност, моралност и правдина, значително се разликуваат од начинот на живот во Србија под Милошевиќ. Своите ставови за разни настани тој ги изразува јавно како коментари на локална телевизија. Добива сериозни закани и понуди од полицискиот безбедносен сектор, но одбива да соработува.

Филмот ја прикажува неговата борба против обесправеноста и автократијата, кои за жал повторно воскреснуваат во денешна Србија.                

17:30 ДОЖДЛИВ ДЕН ВО ЊУЈОРК

*реприза*

режија: Вуди Ален

Новата романтична комедија на Вуди Ален ја раскажува приказната за двајца студенти, Гетсби и Ешли, чијшто викенд во Њујорк воопшто нема да се одвива според планот. Дождот ќе подготви низа неочекувани средби и забавни авантури за обајцата.         

  • КИНО ФРОСИНА

17:00 КАДЕ СИ ЖОАО ЖИЛБЕРТО?

*Земја во фокус: Швајцарија*

режија: Џорџ Гашо

Филмот ги следи стапките на германскиот писател Марк Фишер, кој опсесивно трага по легендарниот основач на жанрот боса нова, бразилскиот музичар Жоао Жилберто, кој со децении не бил виден во јавност. Фишер своето патешествие го опишал во книгата „Хобалала“, но извршил самоубиство една недела пред да излезе во печат. Преземајќи ја мисијата на Марк Фишер, следејќи ги неговите чекори еден по еден, благодарение на трагите што ни ги има оставено, го следиме Жоао Жилберто за да ги сфатиме историјата, душата и суштината на боса новата. Но кој може да знае дали ќе го запознаеме или не?

19:00 НАЛЕПНИЦА

*МК кратки*

режија: Георги М. Унковски

Во неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, 37-годишниот Дејан во очаен обид да остане релевантен во животот на својата ќерка, запаѓа во серија бирократски стапици, кои му го менуваат животот засекогаш.

19:20 СТУДЕН НОЕМВРИ

*СинеБалкан*

режија: Исмет Сијарина

На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, Југословенската влада ја одзема автономијата на Косово, го распушта собранието и ја затвора Националната телевизија. Сите институции добиваат нови управни органи, додека повеќето граѓани реагираат со мирни демонстрации. За време на овој тежок период, Фадиљи, кој работи како архивар, мора да одбере меѓу две опции, иако е свесен дека двете се погрешни. На тој начин, тој неволно и против своја желба го „јаде“ срамот, го трпи притисокот од сите страни и се справува со лошата репутација со една единствена цел: да обезбеди средства за своето семејство.

21:00 ГЛАС

*МК во ЕУ*

режија: Огнен Свиличиќ

Во католичко сиропиталиште доаѓа момче, кое одбива да се моли пред Бога, затоа што му е луто на целиот свет. Колку повеќе го присилуваат, станува сѐ побунтовно. Но, во таа негова битка, се чини дека сепак Бог е на негова страна, што му влева надеж.

23:00 ЈАС НЕ СУМ ИГОР

*МК кратки*

режија: Сергеј Георгиев

Четворица млади членови на навивачката група „Комити“ решаваат да направат вооружен грабеж во локалната продавница, бидејќи не можат да поднесат уште еден Албанец во нивното маало. За време на нивната акција, Игор наидува на информација многу пострашна од пиштолот во својата рака. Информација што ќе мора да ја скрие дури и од најдобрите другари.

23:20 СУРОВ РЕЗ

*Официјална селекција*

режија: Коста Џорџевиќ

Пеколно топол августовски ден на улиците на Белград. Самоуверената тинејџерка Аја раскинува со момчето по стоти пат. Малку подоцна, додека седи со пријателите, група локални деца ќе почнат да ја задеваат и ќе ја прободат со нож. Филмот го прикажува остатокот од денот на Аја, како се труди да се одмазди и да се смири со момчето. Преку дваесет мизанкадри, филмот прикажува опсесивна љубовна приказна сместена во еден тинејџерски ден, кој би бил најголем кошмар за секој родител.

  • ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА

 13:00 Мастерклас на Стив Абот

Стив Абот е роден на 28 јули, 1954 година во Бредфорд, Јоркшир, и работи на филмови и телевизија уште од 1979, на почетокот со HandMade Films, а подоцна со Mayday Management, Prominent Features и Prominent Television. Од 1979 до 1997 тој и неговата бизнис партнерка Ен Џејмс ги менаџираат Монти Пајтон. Токму со Џон Клис, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Палин ги основаат Prominent Features и Prominent Television. Продукцијата Prominent Features има освоено награди низ светот, вклучувајќи Оскар, Цезар и неколку БАФТА награди. Продуцент е на повеќе филмови, меѓу кои и „Рибата наречена Ванда“, „Американски пријатели“, „Портирот е виновен за сѐ“, „Аматери“ и „Диви суштества“.

23:00 | cinEmusic

ROGER ENO