Симптомите од коронавирусот вообичаено се појавуваат за пет дена, покажува нова студија

Кај пациентите заболени од новиот коронавирус Ковид-19 симптомите се појавуваат по пет дена во просек, покажува нова студија од експерти за јавно здравје, кои додаваат дека е разумен периодот на изолација од 14 дена.

Прецизна проценка на периодот на инкубација на новиот вирус е важна за експертите полесно да ја предвидат динамиката на развивање на заразата и да најдат баланс помеѓу драконските контролни механизми и елиминирање на ширењето меѓу популацијата.

До денес вирусот има инфицирано преку 114 илјади лица, од кои 4 илјади починале а 64 илјади целосно заздравеле. Над 46 илјади пациенти во моментов се инфицирани, од кои 40 илјади имаат лесни симптоми, додека скоро 6 илјади лица имаат посериозни симптоми или се во критична состојба.

Според научниците од Школата Џон Хопкинс Блумберг за јавно здравје, просечниот период на инкубација изнесува 5,1 дена, што е подолго од типична настинка. Нивната студија пресметала дека помалку од 2,5% од пациентите покажале симптоми во првите 2,2 дена, додека 97,5% покажале симптоми во рок од 11,5 дена.

Експертите за јавно здравје користат 14-дневен период на изолација заснован на проценките, но податоците од оваа студија посочуваат дека тој период е соодветен за новиот коронавирус.

Според студијата, од 10.000 лица кои биле во карантин 14 дена, само околу 101 би развиле симптоми по овој период.

„Според анализата на јавно достапните податоци, сегашната препорака за 14-дневен активен мониторинг или карантин е разумна, иако во тој период некои случаи може да бидат превидени на долг рок“, вели авторот на студијата, Џастин Леслер, вонреден професор во Одделот за епидемиологија на Школата Блумберг, пренесува Еуроњуз.

Студијата, која е објавена во списанието Анали на интерна медицина, анализира 181 случај на заразени со Ковид-19 во периодот пред 24 февруари кога бил познат периодот на контакт со вирусот и појавата на симптомите.